Украина не треба да стави „ни капка мастило“ на документ со кој законски се предаваат нејзините територии на Русија, изјави денес во Давос хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, цитиран од хрватскиот весник „Јутарњи лист“.
Пленковиќ учествуваше на панел-дискусија за Украина со генералниот секретар на НАТО Марк Руте, финскиот претседател Александар Стаб, холандскиот премиер Дик Шоф и латвискиот претседател Едгарс Ринкевичс на Светскиот економски форум во швајцарскиот алпски град Давос.
За време на дискусијата, Пленковиќ нагласи дека Хрватска припаѓа на групата земји кои се „јасно проукраински настроени кога станува збор за солидарност и поддршка“. Тој рече дека оваа позиција произлегува од сопственото искуство на Хрватска по војната за отцепување од поранешна Југославија во 1990-тите.
„Сите мировни договори имаат два контекста – моментот и контекстот во кој се потпишани, како и нивните последици во иднина“, нагласи тој.
Според него, решавањето на ситуацијата во Украина е исто така исклучително важно за стабилноста на меѓународната заедница и нејзината иднина.