Украинското воено раководство во понеделник соопшти дека од почетокот на руската инвазија на Украина, на 24 февруари 2022 година, Русија претрпела речиси еден милион човечки загуби. Само во изминатите 24 часа, според украинските власти, руската армија изгубила уште околу 1.000 војници.
Киев не објаснува дали оваа бројка ги вклучува само загинатите или и ранетите, исчезнатите и заробените, но генералната проценка е дека станува збор за вкупните жртви. Украина редовно објавува дневни проценки за загубите на руските сили, додека ниту Москва, ниту Киев не откриваат официјални податоци за своите жртви.
Претседателот Володимир Зеленски во февруари оваа година изјави дека досега повеќе од 46.000 украински војници се убиени, а околу 380.000 се ранети. Дополнително, десетици илјади се сè уште водат како исчезнати или се во руско заробеништво.
Кон крајот на минатата година, рускиот заменик-министер за одбрана ненамерно откри дека руското Министерство за одбрана добило повеќе од 48.000 барања за ДНК тестирање од семејствата на исчезнати војници. Овие примероци се чуваат во официјална база на податоци, изјави Анна Цивилјова на тркалезна маса во Руската Дума во ноември 2023 година.
Поради големите загуби, кои се проценуваат на околу 1.000 војници дневно, Русија сè повеќе се потпира на регрутирање странски борци. Според западни и украински извори, потврдени и од Северна Кореја, околу 12.000 севернокорејски војници веќе се борат на страната на Русија. Во април годинава, украинските сили заробија и неколку кинески државјани кои се борат во руската армија, а според податоците на украинската воена разузнавачка служба, најмалку 160 кинески борци се вклучени во конфликтот.
Украинската армија предупредува дека Русија се подготвува за нова офанзива ова лето, додека борбите по должина на фронтот долг над 1.000 километри во последните недели значително се засилуваат. Особено жестоки судири се водат во областа Покровско и Костјантинивка, во источниот регион Донецк.