Украина смени двајца високи претставници на сајбер безбедноста поради истрагата за наводна проневера, изјави висок владин претставник.
Владата го отпушти Јуриј Шчихол, шефот на украинската служба за специјални комуникации и заштита на информации, и неговиот заменик Виктор Жора, напиша на комуникациската платформа Телеграм владиниот претставник во парламентот Тарас Мелничук.
Промените се случија во време кога антикорупционерите објавија дека истражуваат службеници на позиции поврзани со сајбер одбраната за проневера на околу 1,5 милиони евра во 2021 година, во која учествувале шест лица.
Украина ги засили напорите за борба против корупцијата бидејќи се обидува да стане членка на Европската унија, за што борбата против корупцијата е клучен предуслов за почеток на преговорите.