Со меѓународна поддршка, Украина може да го врати својот територијален интегритет и почитување на Повелбата на ОН, што ќе ги обесхрабри Русија и другите агресори да напаѓаат други земји, изјави украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба на седницата на Генералното собрание на ОН.
На првиот ден од дводневната сесија, по повод годишнината од руската инвазија, Кулеба во средата претстави резолуција со која се повикува на мир и повлекување на Москва.
Во своето обраќање пред Генералното собрание на ОН во Њујорк, претставувајќи го предлогот за резолуција со наслов „Принципи кои се во основата на сеопфатен, праведен и траен мир во Украина“, тој рече дека не смее да се нарушува принципот на територијален интегритет и дека „светот ќе се втурне во хаос ако дозволи насилно менување на границите“, пренесува Укринформ.