Обединетите нации добија официјално известување од Украина дека имаат намера да ги повлечат сите свои 308 припадници на армијата и полицијата кои служат во шест мировни мисии на ОН, а исто така ги повлекуваат своите осум хеликоптери МИ-8 од руско производство во Конго.
Ова синоќа го соопшти портпаролот на ОН Стефан Дижарик, додавајќи дека се вклучени околу 250 украински војници во Конго, чие повлекување било најавено пред два дена, како и 36 офицери и експерти и 22 полицајци.
Покрај Конго, Украинците служат и во пет други мировни мисии: во Мали, на Кипар, специјалниот административен регион Абјеи, Јужен Судан и Косово.
Се чини дека Украина сака да ја зајакне својата армија и хеликоптери за да се одбрани од руските напади.
Дижарик рече дека секоја земја има право да ги повлече своите воени сили кои учествуваат во мировните операции и им се заблагодари на Украинците за нивниот долгорочен придонес.
Тој истакна дека ОН работат на спроведување на украинското барање и дека ќе контактира со други земји за да ги заменат повлечените воени трупи, полиција и опрема.