Украинскиот Генералштаб соопшти дека извршил напад врз локација во близина на селото Тјоткино, во Курската област, од каде руската војска лансирала ударни беспилотни летала. Според нивните тврдења, руската војска го користела погодениот објект во Курск за подготовка, опремување и лансирање на извидувачки и ударни беспилотни летала. Украинските воздухопловни сили наводно успеале да елиминираат до 20 оператори на беспилотни летала.
„Овој наш удар претставува опиплив одговор на руските акции против украинската армија“, истакна украинскиот Генералштаб. Во соопштението се додава дека нападот се случил во саботата, на 19 април.
Рускиот претседател Владимир Путин прогласи еднодневен велигденски прекин на огнот во војната во Украина на 19 април, со почеток во 18:00 часот по московско време, но двете страни меѓусебно се обвинија за негово прекршување.