Украина вклучи три кинески енергетски компании на листата на „меѓународни спонзори на рускиот тероризам“

од Vladimir Zorba
294 прегледи

Украинската национална агенција за спречување на корупцијата (NAZK) вклучи три водечки кинески енергетски компании (CNOOC, Sinopec и CNPC) на својата листа на меѓународни спонзори на руската војна, објави денеска прес-службата на агенцијата.

Сите три компании „продолжуваат да развиваат заеднички проекти со Русија и да ги финансираат руските стратешки индустрии со плаќање значителни даноци“, соопшти агенцијата. Според NAZK, CNOOC е трета по големина кинеска национална нафтена компанија по CNPC и Sinopec. Тоа е најголемиот кинески производител на нафта и гас на море. Подружницата на CNOOC, поседува десет отсто од акциите на проектот „Арктик ЛНГ 2“ на полуостровот Гидан во рускиот арктички регион. Капиталната инвестиција потребна за започнување на проектот со полн капацитет се проценува на 21,3 милијарди долари. Украинскиот NAZK нагласува дека имплементацијата на проектот може да го зголеми уделот на Русија на глобалниот пазар на ЛНГ на 15 отсто од сегашните осум отсто.

Во меѓувреме, Sinopec е втората по големина кинеска компанија за екстракција на фосилни горива во државна сопственост, специјализирана за рафинирање на сурова нафта. На крајот на март 2022 година, претставник на Sinopec објави дека кинеската државна енергетска компанија ќе продолжи да купува сурова нафта и гас од Русија дури и во услови на построги западни санкции. Групацијата Sinopec поседува десет отсто од акциите на енергетската компанија „Сибур холдинг“. Во првата половина од оваа година тој руски холдинг платил даноци во износ од 347 милиони долари во буџетот на Русија.

Во исто време, China National Petroleum Corporation (CNPC) е најголемата кинеска национална корпорација за нафта и гас и една од најголемите глобални енергетски компании во производството на нафта и гас. Сопственик на акции во компании во Русија, CNPC плаќа значителни даноци во буџетот на агресорот, што овозможува продолжување на оваа војна, наведува украинскиот NAZK. CNPC е вклучена во голем број руски енергетски проекти, вклучувајќи го проектот „Јамал ЛНГ“, гасоводот „Моќта на Сибир“ и гасоводот „Источен Сибир-Тихиот Океан“.

Патем, од септември 2022 година, Газпром и CNPC се договорија да се префрлат на плаќање за услуги во национални валути (рубљи и јуани), што ја зајакнува и стабилизира руската рубља и покрај воведените санкции, според официјален Киев.

На 17 август, NAZK додаде уште една голема кинеска компанија, Alibaba Group Holding Limited, на својата листа на меѓународни спонзори на војната. На таа листа на Киев се и мултинационалните компании како Унилевер, Бакарди и „ПепсиКо“.

Слични содржини