Украинците нападнаа постројка на „Лукоил“, руската ПВО соборила 25 дрона

Руското Министерство за одбрана соопшти дека руските системи за ПВО во текот на ноќта уништиле 25 украински беспилотни летала над руска територија.

од Бети Божиноска
238 прегледи

Украински беспилотни летала утринава нападнале енергетски објект на руската нафтена компанијата „Лукоил“ во индустриската зона на Нижни Новгородската област, по што избувнал пожар во една од постројките за преработка на нафта, објави гувернерот на тој регион, Глеб Никитин, во пост на „Телеграм“.

„Рано утринава украински дронови ја нападнаа индустриската зона Кстово, објект на комплексот за гориво и енергетика. На лице место работат специјални служби кои ги користат сите потребни сили и средства за локализирање на пожарот во еден од капацитетите за преработка на нафтени деривати “, рече Никитин.

Според првичните информации, во нападот нема повредени, а во гаснењето на пожарот бил вклучен и противпожарен воз.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека руските системи за ПВО во текот на ноќта уништиле 25 украински беспилотни летала над руска територија. Два дрона биле уништени над московскиот регион, еден над регионот Ленинград, седум над Белгород, 11 над Курск, два над регионот Ориол и по еден над Брјанск и Тула.

„Гардијан“, пак, пишува за уште еден напад на нафтена постројка, овојпат во Ориол, цитирајќи информации од „РИА Нивости“.

Статијата ја цитира изјавата на гувернерот на Ориол, Андреј Кличков, кој вели дека Украинците лансирале напад со дронови на нафтена постројка, предизвикувајќи експлозија на еден од резервоарите и пожар.

Гувернерот на регионот Курск, Роман Старовојт, вели дека шест украински дрона биле споборени над неговиот регион, а службите за итна помош го прегледуваат регионот за можни штети.

Слични содржини