По повод Рамазан, светиот месец за сите муслимани, Украина ѝ понудила на Русија размена на сите воени заробеници кои исповедаат ислам, но од Москва добиле негативен одговор.
Според Дарија Заривна, советник за комуникации на шефот на Кабинетот на претседателот на Украина, Русите не биле заинтересирани.
„Дојдовме до предлог за размена на муслимански затвореници во формат „сите за сите“ од двете страни како знак на почит кон нивната култура и традиции. За жал, руската страна ја отфрли оваа идеја без многу ентузијазам“, рекла Заривна, пренесува „Кликс.ба“.
Според неа, оваа иницијатива е едно од многуте креативни решенија на кои прибегнуваат украинските преговарачи за размена на затвореници.
Од 11 март 2022 година, Координативниот штаб за третман на воени заробеници има спроведено вкупно 39 размени, соопштиле од тамошниот Кабинет на претседателот. Ослободени се вкупно 1.993 лица, меѓу кои 184 жени и 107 цивили.
Последната размена се случи на 3 април. Уште 12 Украинци се вратија дома од Русија.