Киевските власти соопштија дека пронашле тела на повеќе од 900 убиени цивили по повлекувањето на руските сили од регионот на Киев. Бројката е двојно поголема од онаа што ја објавија украинските власти пред речиси две недели, а присуството на прострелни рани укажува дека многумина биле „едноставно егзекутирани“, според информацијата на локалната полиција, пренесува Асошиејтед прес.
Андриј Небитов, шеф на регионалните полициски сили на Киев, рече дека телата биле оставени на улица или привремено закопани.
Тој ги наведе полициските податоци кои покажуваат дека 95 отсто од луѓето починале од прострелни рани, пренесува АП.
-Секој ден се наоѓаат се повеќе тела, под урнатините и во масовните гробници, додаде Небитов.
Најголем број жртви се пронајдени во Буча, каде имало повеќе од 350.
-Ископувањето на урнатините во Бороѓанка и Макарово се уште трае и „се уште ги наоѓаме мртвите“, додаде тој.
Тој истакна дека убиените се цивили и немаат никаква врска со воени формации.
Би-Би-Си не можеше самостојно да ја потврди оваа информација.