Украински функционер: Киев го обвинува тимот на Трамп дека го поттикнува апетитот на Путин

од Milan1
73 прегледи

Преговорите меѓу администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и Русија без учество на Украина и Европејците само ќе „го отворат апетитот на (рускиот претседател) Владимир Путин“, изјави за „Франс прес“ неименуван висок украински функционер.

„Тоа само ќе го отвори апетитот на Путин и неговата верба дека тој ќе победи, а Америка ќе загуби“, рече функционерот, кој побара да остане анонимен, по денешната руско-американска средба во Ријад, која се одржа без учество на Киев и Европа.

Официјалниот претставник рече дека тимот на Доналд Трамп ја повторува тактиката на претходните американски претседатели, Барак Обама пред руската анексија на украинскиот полуостров Крим во 2014 година и Џозеф Бајден пред сеопфатната руска инвазија на Украина пред три години.

Обама пред 2014 година, како и Бајден пред оваа војна, разговараа со Путин за нас без нас, за Европа без Европа, а некој од тимот на Трамп оди во истиот правец, продолжи украинскиот функционер.

„Се чини дека некој од тимот на Трамп или близок до него му претставува нереална слика за Русија“, додаде тој.

Украинските власти се надеваат дека ќе добијат детали за позицијата на САД од специјалниот пратеник на американскиот претседател за Украина, Кит Келог, кој утре се очекува во Киев во својата прва посета откако Трамп ја презеде функцијата во јануари.

„За нас е важно да слушнеме од Келог што навистина се случува“, рече украинскиот функционер.

Слични содржини