Украински новинар за „Локално“: Киев е веќе во војна со Москва

од Nikola Popovski
562 прегледи

Што донесе една недела разговори на високо ниво за тензиите на руско-украинската граница? Од Кремљ пристигнуваат изјави кои укажуваат дека меѓусебната недоверба е зголемена, а не намалена, а американската страна ја обвини Русија дека се обидува да искористи агенти во Украина за да создаде изговор за можна инвазија.

„Имаме информации кои сугерираат дека Русија веќе распоредила група агенти за да спроведе операција под лажно знаме во источна Украина“, изјави неодамна портпаролката на Белата куќа Џен Псаки. Сепак, тонот меѓу двете страни останува груб.

Во обид да дознаеме повеќе за украинскиот поглед на целата ситуација, „Локално“ го контактираше уредникот на украинскиот медиум, „Європейська правда“, Јуриј Панченко. Според него, Украина де факто е во војна со Русија.

-Знаете за настаните од 2014 година. Сега ситуацијата може да се опише како воен конфликт со слаб интензитет со ризик за влошување на состојбата, вели Панченко, додавајќи дека сепак нема простор за паника, иако ситуацијата не додава оптимизам.

-Во споредба со 2014 година, Украина веќе има борбено подготвена армија и нова офанзива нема да биде лесна за Руската Федерација. Лично не мислам дека е многу веројатна офанзива од големи размери со окупација на целата земја, или поголемиот дел од неа. Сепак, заострувањето на конфликтот и неговото преминување во жешка фаза е многу веројатно. Воените вежби во Белорусија ја зголемуваат заканата од напад врз Киев, појаснува уредникот.

Јуриј Панченко

Во однос на пишувањата по западните медиуми дека Русија има истоварено околу 100.000 војници на границата со Украина, Панченко информира дека е многу повеќе од тоа.

-Станува збор за 120-130 илјади војници на Руската Федерација. Таа никогаш не ја призна целосната независност на Украина и подготвена е да ја трпи само доколку е во доменот на нејзино влијание. Ова е несоодветно со желбата на поголемиот дел од украинското општество. Идејата за членство во ЕУ отсекогаш била попопуларна од предлозите на Русија за продлабочување на интеграцијата меѓу двете земји. Сфаќајќи дека меката сила повеќе не функционира, Кремљ започна војна, вели новинарот.

За разговорите меѓу Русија и САД, Панченко смета дека предлозите на Русија биле очигледно неприфатливи.

-Значајно е што никој од западните лидери не ги поддржа. Во такви услови е невозможен компромис за глобалните прашања, оценува Панченко, додавајќи дека влезот на Украина во Северноатланскиот сојуз е прашање на време.

-НАТО потврди дека Украина ќе стане членка на Алијансата. Сега прозорецот на можности е затворен, но тој ќе се промени порано или подоцна, категоричен е уредникот.

Тој информира дека Украина сè уште води преговори со Русија, но во рамките на Нормандискиот формат, со посредство на Германија и Франција.

За ставот на македонската министерка за одбрана Славјанка Петровска и шефот на дипломатијата, Бујар Османи дека нашата земја ја почитува независноста и територијалниот интегритет на Украина, барајќи Русија да ги прекине хибридните закани, Панченко ги поздравува ваквите изјави.

-Ова е нормална позиција на секоја земја која се смета себеси за дел од западниот свет, заклучува уредникот на украинскиот медиум.

Н.П.