Украинскиот народ е добитник на европската награда „Сахаров“

од Nikola Popovski
183 прегледи

Европскиот парламент денеска на народот и на претставниците на Украина им ја додели главната награда на Европската унија за човекови права, за нивниот отпор кон руската инвазија.

Наградата на ЕУ, именувана по советскиот дисидент Андреј Сахаров, беше воведена во 1988 година за да им оддаде чест на поединци или групи кои ги штитат човековите права и основните слободи. Сахаров, добитник на Нобеловата награда за мир, почина во 1989 година.

Пратениците на Европскиот парламент (ЕП) втора година по ред ја искористија наградата Сахаров за да испратат порака до Кремљ, бидејќи минатата година таа му беше доделена на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој беше осуден на неколку години затвор.

При номинирањето на Украина, европратениците го пофалија нејзиниот претседател Володимир Зеленски за „храброста, издржливоста и лојалноста кон својот народ“ и ја истакнаа улогата на службите за вонредни состојби на Украина.

Меѓу другите, тие ги издвоија основачот на единицата за медицинска евакуација Јулија Пајевска, активистката за човекови права Олександра Матвијчук, движењето на граѓанскиот отпор Жолта лента и градоначалникот на окупираниот Мелитопол, Иван Федоров.

„Тие стојат зад она во што веруваат. Тие се борат за нашите вредности. Тие ја бранат демократијата, слободата и владеењето на правото. Тие ги ризикуваат своите животи за нас. Никој не ја заслужува наградата повеќе од нив. Честитки за храбриот народ на Украина“, напиша на Твитер претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола.

Украинците покажаа издржливост во речиси осуммесечната војна, и покрај зголемените руски напади во последните недели. Откако започнаа контраофанзива кон крајот на август, украинските сили повторно зазедоа големи делови од територијата, нанесувајќи и тежок удар на Русија.

Слични содржини