Селекторот на украинската фудбалска репрезентација Олександр Петраков даде интервју за британски Гардијан во кое откри дека стравува поради следниот собир на репрезентацијата.
Петраков и репрезентацијата треба да се соберат во јуни и потоа да одиграат бараж со Шкотска, а потоа и со Велс доколку го победат првиот ривал.
Сепак, селекторот стравува дека доколку тимот се собере во Украина, Русите би можеле да го нападнат таборот на репрезентацијата. Тој најпрвин предложи репрезентацијата да се собере на западот на државата, но се повлече од тој предлог.
-Ако некој каже дека репрезентацијата тренира во тој дел од земјата, непријателот би можел да не гранатира. Тоа се луѓе без принципи и морал и не сакаме да ги ризикуваме животите на нашите играчи. Русите не се наши браќа, тие се обична орда, рече Петраков за Гардијан дека Украина би можела да се собере во Лондон:
-Би сакал да организирам камп надвор од Украина, можеби во Англија. Можеме да играме на Вембли против Баерн, Манчестер Јунајтед, Сити или Арсенал, а целиот приход би одел за помош на Украина. Мислам дека тоа е добра идеја, и така нашите играчи добро би се подготвиле за квалификациите. Без подготвителни натпревари ќе ни биде многу тешко против Шкотска, смета селекторот.
Петраков има над 60 години и му е дозволено да ја напушти државата, но вели дека е подготвен да се бори за својата татковина.
-Моето семејство не убедуваше да одам со нив, но јас не сакав. Како можев? Јас сум од Киев, ова е мојот град и не можев да избегам додека другите го бранеа. Ако дојдат во градот, ќе ја земам пушката и ќе се борам. Имам 64 години, но мислам дека тоа е правилна одлука. Мислам дека би можел да убијам два или тројца непријатели. Во моментов чувствувам само омраза кон Русите. Не гнев туку омраза затоа што овие луѓе ја нападнаа нашата земја. Ќе треба време да се смират емоциите, но засега само чувствувам омраза. Се надевам дека во мојот живот нема да играме против Русија. Не сакам да се ракувам со нив. Мораме да изградиме ѕид кон Русија и да направиме се што можеме за да немаме повеќе никаква врска со нив, категоричен е украинскиот селектор.