Украинските сили: Русите донесоа 110.000 војници за напад на Покровск

од desk2
16 прегледи Фотографија: ukrinform.net

Дел од 110.000 руски војници распоредени во секторот Покровск е елиминиран, но Русија продолжува да носи засилувања, изјави за украинската телевизија Виктор Трехубов, портпарол на Оперативно-стратегиската група сили Днипро, пренесува Укринформ.

Двете страни се напнуваат од петни жили да го одбранат /освојат Покровск, кој е важно стратешко место што отвора пристап кон многу места во централна и западна Украина.

„Некои се елиминирани, но носат повеќе војници. Во моментов е тешко да се даде точен број во илјадници, особено затоа што секторот Покровск всушност се подели на Покровск и Добропилија. Покрај тоа, активно префрлаат сили од секторот Новопавливка, бидејќи всушност тоа им е истата оперативна зона.

Засега, можеме да претпоставиме дека бројот останува приближно ист – вкупно повеќе од 100.000. Тоа е голема бројка – доволно за напад на европска држава, а не само на малиот, несреќен Покровск“, рече Трехубов, нагласувајќи ја важноста на секторот за Русите.

„Не ја контролираат територијата од која го започнаа пробивот“
На прашањето дали руските сили навистина напредувале 18 километри кон Добропилија и ја презеле контролата врз областа, портпаролот одговори дека не го држат под контрола.

„Овие два клна, овие две `клешти`, се местата каде што беа запрени. Не ја контролираат територијата од која го започнаа пробивот. Присутни се само на врвовите на тие клинови, каде што се уништувани. Се кријат во шумичките и во тек се операции за нивно уништување“, рече тој.

Трехубов, исто така, рече дека на непријателот му е оневозможено да донесе нови сили и да се уцврсти во областите кај Добропилија.

Според него, за време на офанзивата, Русите првенствено не се обидувале да ги завземат украинските утврдувања, туку се обиделе да се инфилтрираат во нив заобиколувајќи ги украинските позиции за подоцна да соберат сили и да ги освојат.

„Русите влегуваат во мали групи од две до пет лица“
Коментирајќи го опфатот на непријателска инфилтрација во Покровск, тој рече дека Русите влегуваат во мали групи од две до пет лица, но таквите групи може да бидат многу.

„Во Покровск се обидуваат да напредуваат во мали групи и да се консолидираат во различни мали објекти. Главниот проблем е недостигот на персонал за покривање на толку голема површина“, истакна тој.

На прашањето дали може да се очекува нова руска офанзивна кампања на есен, Трехубов одговори оти не мисли дека тоа ќе се случи.

„Искрено, не мислам дека е можна посебна кампања – освен ако не ја сменат тактиката и не почнат да користат лесни или тешки борбени машини, бидејќи во моментов главно напредува пешадијата. Некои аналитичари велат: `Можеби ја штедат опремата за употреба на есен`. “Можеби и ќе биде, но засега не изгледа така“, рече тој.