Украинците под жесток руски притисок во Донбас

од Stefanija Kuzmanovska

Руските сили се прегрупираат за да ја продолжат офанзивата во правец на регионот Славјанск во источна Украина, а во исто време продолжуваат со напорите за опкружување на Северодонецк, изјави вчера портпаролот на украинското Министерство за одбрана Олександр Мотузјаник, пренесува „Ројтерс“.

Најинтензивните борби се водеа во близина на Северодонецк, последното големо упориште на украинските сили во областа Луганск во Донбас.

Мотузијаник рече дека украинските војници прават се што можат за да ги спречат руските сили целосно да го опколат градот, чие освојување ќе ѝ помогне на Москва да ја зајакне својата контрола над Донбас, кој во голема мера е под контрола на проруските сепаратисти, пренесува „Танјуг“.

А Москва не крие дека целта ѝ е тој регион да го стави под контрола. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека „ослободувањето на Донбас е безусловен приоритет за време на руската специјална операција во Украина“.

„Ослободувањето на регионите Доњецк и Луганск, кои Руската Федерација ги призна како независни држави, е апсолутен приоритет“, рече Лавров синоќа во интервју за францускиот ТВ канал TF1.

Тој додаде дека жителите на другите територии на Украина каде што се водат борбите „треба да одлучат за својата иднина“, пренесува РИА Новости. Тие самите мора да одлучат во која средина ќе продолжат да постојат – во средина создадена од претседателот Зеленски, каде што има забрана за руско образование, медиуми, култура, употреба на рускиот јазик во секојдневниот живот или во друга, каде што ќе можат да ги едуцираат децата како што сакаат, а не Зеленски и неговиот тим“, рече Лавров.

Во меѓувреме, руските сили се движат кон центарот на Северодонецк, град во источна Украина, гранатиран со недели, каде сега се водат улични борби, објави гувернерот на таа област Сергиј Гајдаи, пренесува АФП. Иако деновиве се појавија вести дека овој град е под руска контрола, извесно е дека борбите, слични на претходната во Мариупол, се уште траат.

И градоначалникот на овој град, Олександр Стрјук, кој моментално е во епицентарот на конфликтот со руската армија, за АП изјави дека Северодонецк нема струја, дека комуникациите се прекинати и дека се водат улични борби.

Слични содржини