Европските лидери се подготвени да почекаат можна средба меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин во Турција пред да извршат притисок врз САД да воведат нови санкции врз Москва, соопштија информирани извори.
По разговорите меѓу американските и европските претставници во понеделникот, беше јасно дека американската страна сака да овозможи средба меѓу Русија и Украина, закажана за четврток, пред да го зголеми притисокот врз Путин, изјавија за Блумберг луѓе запознаени со разговорите, кои побараа анонимност.
Доколку Путин одбие да се сретне со Зеленски или ако Русија не се согласи на итен и безусловно примирје во четврток, европските лидери се подготвени да го повикаат претседателот Доналд Трамп да ја спроведе својата претходна закана и да воведе санкции врз Москва, додадоа изворите. Кремљ сè уште не објави дали Путин ќе учествува на состанокот.
„Трамп веќе има опции“
Администрацијата на претседателот Трамп веќе подготви опции кои, доколку одлучи, би можеле да го зголемат економскиот притисок врз Русија, објави претходно „Блумберг“. На 8 мај, Трамп изјави на социјалните мрежи: „САД и нивните партнери ќе воведат дополнителни санкции ако примирјето не се почитува“.
Во последните 48 часа остана нејасно кои се следните чекори на американската политика кон Русија.
Во саботата, лидерите на Велика Британија, Франција и Германија веруваа дека постигнале договор со Трамп според неговата објава на социјалните мрежи за поддршка на план за 30-дневен прекин на огнот што би стапил во сила во понеделник и би бил придружен со координирани санкции од САД и Европа доколку Русија продолжи со нападите врз Украина.
Но, Трамп одби јавно да ја поддржи таа временска рамка и наместо тоа го покани Зеленски да се сретне со Путин во Турција оваа недела став што европските лидери не го очекуваа, но кој Зеленски го прифати.