СЗО во соработка со Министерството за здравство организираа работна група за унапредување на сестринската дејност, за што изготвија обука за медицинските сестри од примарната здравствена заштита.
Во денешното соопштение од Министерството за здравство, велат дека обуката е изготвена како одговор на новиот модел на примарна здравствена заштита промовиран во земјата во почетокот на 2019 година. Двата модули работилници траат до 30 декември, а останатите модули ќе продолжат во 2021 година.
„Медицинските сестри Миреја Санчез и Рос Брајар ги водат обуките. Миреја е регистрирана медицинска сестра во Шпанија, со работно искуство во различни здравствени средини и во наставната дејност. Рос е регистрирана медицинска сестра во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска и нејзиното искуство е главно во патронажната и наставната дејност“, информираат од Министерството за здравство
Инаку, целта на програмата за професионален развој е да се развиjат знаењето и вештините на медицинските сестри и акушерките од примарната здравствена заштита за да можат да придонесат на најделотворен можен начин кон спроведување на новиот модел на примарна здравствена заштита во Северна Македонија.
„Краткорочните цели на програмата се да се подигне нивото на знаење и практични вештини на учесниците и да се придонесе кон нивниот континуиран професионален развој. Северна Македонија е меѓу првите земји на глобално ниво што ја разгледа својата заложба за примарна здравствена заштита (ПЗЗ) во согласност со Декларацијата од Астана. Овој процес го продолживме за време на двата национални форуми за здравствена заштита на ПЗЗ во 2019 и 2020 година“, се вели во соопштението.
Примарната здравствена заштита, посочуваат од МЗ, е клучна и повеќе од потребна е интервенција за подобрување на квалитетот, континуитетот и севкупното спроведување на здравствените услуги.