Охрид и Македонија добија уште една шанса од УНЕСКО. Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на земјава ѝ даде дополнително една година за спроведување корективни мерки, односно временска рамка за имплементација на активностите за зачувување на светското природно и културно наследство на охридскиот регион.
Од Владата велат одлуката на Комитетот е за поттик и мотивација, најсериозно да се продолжи со конкретни мерки што ќе овозможат итна имплементација на предвидените корективни мерки базирани на препораките од реактивните мисии од 2020 и 2024 година, како и на Стратегискиот план за рехабилитација.
Ние не смееме да дозволиме однос кон светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион како во минатото.
За потсетување, во последните седум години не беше преземено речиси ништо од препораките на УНЕСКО – наместо заштита, бевме сведоци на непостапување по експертските извештаи и системско разнебитување.
Граѓаните имаат право да знаат дека токму претходната власт го доведе Охрид на работ на губење на својот статус“, истакна министерот за култура, Зоран Љутков.
Претходно 40 организации доставија писмо до Комитетот за светско наследство на УНЕСКО со барање за усвојување на нацрт-одлуката за впишување на охридскиот регион во Листата на светски наследства во опасност…
„Одлуката на УНЕСКО во која Охрид доби нов рок за исполнување на препораките, е крајна јавна опомена пред црвен картон, сметаат дел од советниците во Советот на Општина Охрид. Оценуваат дека УНЕСКО и овој пат покажа флексибилност, наводно признавајќи ги напорите (на пр. забавување на нелегалната градба и почетни чекори кон подобро управување), вели во разговор за „Локално“, Виолета Аврамоска, советничка од редовите на Левица.
Како што додава, одлуката е условна, односно ако до февруари 2025 година не се прикаже реален напредок, Охрид може брзо да се најде на листата на светски добра во опасност. Тоа значи дека властите немаат право на грешка.

Виолета Аврамоска
„Според претходните извештаи на УНЕСКО, клучните предизвици и најголемите проблеми што треба да се решат до февруари се: нелегална и прекумерна градба (на пр. хотелски комплекси близу брегот кои го рушат визуелниот интегритет), недостаток на трајни решенија за отпадни води (загадувањето на езерото останува критично), слаба координација меѓу институциите (УНЕСКО бара јасен план со конкретни рокови и буџет)., намалување на биоразновидноста (на пр. заштита на ендемските видови како охридската пастрмка), најбрзо и итно треба да се направи имплементација на веќе постоечките планови (на пр. строго спроведување на законите против незаконска градба), транспарентност – властите треба редовно да комуницираат со јавноста и УНЕСКО за секој чекор и вклучување на локалната заедница – Без поддршка од жителите и НВО-секторот, промените ќе бидат површни“, оценува Аврамоска.
Советничката цени дека одлуката на УНЕСКО не е „победа“, туку времено олеснување.
„Ако Република Македонија и Албанија (бидејќи езерото е трансгранично наследство) не преземат брзи и ефективни мерки, ризикот од губење на статусот ќе стане реален. Охрид не е само локален ресурс – тој е дел од глобалното културно-природно богатство, и неговото зачувување е одговорност на сите“, потенцира соговорничката.
Според Аврамоска, министерот Љутков ветува „интензивна работа“ со што признава дека проблемите постојат и дека треба посилна државна вмешаност. Ова може да се реализира, смета Аврамоска, со подобрување на инфраструктурата (на пр. отпадни води), контроли на градежните проекти, поголема соработка со меѓународни експерти…
„Без конкретни мерки и буџет, ваквите изјави можат да останат само политички празни ветувања. УНЕСКО веќе години ги слуша истите гаранции. ВМРО-ДПМНЕ ги „релативизира“ забелешките со тврдењето дека „забелешките се за периодот 2017–2024“ кое е технички точно, но потенцијално опасна игра бидејќи УНЕСКО процесите се бавни, и некои проблеми се натрупуваа со години но ва не ги поништува тековните предизвици. Доколку властите го сокријат овој контекст за да минимизираат кризата, тоа е кратковидо бидејќи незаконската градба продолжи и во 2023–2024, а загадувањето на езерото е постојано актуелен проблем“, посочува советничката од Левица.