УНЕСКО со последна опомена, а Охрид како никогаш досега е бетониран: „Губење на статусот би го наштетило туризмот, економијата и националниот престиж“

УНЕСКО ни даде јавна опомена пред црвен картон: „Ако се рушат само сиромашни градби во Охрид, а хотелите на влијателни луѓе останат, акцијата за уривање на дивоградби е пропаганда“

од Nikola Popovski
154 прегледи

Нагласува дека најавата за уривање на дивоградби од „А категорија“ во заштитените подрачја е позитивен чекор, но остануваат сериозни прашања за искреноста, обемот и трајноста на оваа акција. Аврамоска тврди дека оваа најава претставува само симболичка победа за заштитниците на Охрид бидејќи државата конечно признава дека дивоградбите се проблем што мора да се решава.

Уривањето на најшокантните нелегални објекти (на пр. хотели или вили во строго заштитени зони) може да го намали притисокот од УНЕСКО. Тендерот е формален чекор кон акција бидејќи без него, уривањата би биле произволни и можеби политички мотивирани. Но, се поставува прашање дали ќе се урнат навистина бидејќи историјата покажува дека властите често најавуваат уривања, но не ги спроведуваат или урнуваат само неколку објекти за „медиумска шоу-акција“ како во 2023 кога се урнаа неколку мали градби но големите инвеститори останаа недопрени.

Не е дефинирано кој ја одредува категоризацијата и дали ќе бидат исклучени моќни градежни инвеститори и дали ќе останат недопрени помали, но многубројни дивоградби кои исто така го уништуваат пејзажот. Се поставуваат многу прашања околу овој проблем – дали ќе се дозволи реконструкција на истите места, бидејќи некои градители намерно градат нелегално, знаејќи дека подоцна ќе легализираат.

За да биде оваа акција веродостојна и УНЕСКО да поверува треба: да се објават списоци на сите дивоградби од А категорија и кои ќе се урнат, да се прикажат докази за уривањата (фотографии, извештаи).

Ако се урнат само сиромашни градби, а хотелите на влијателни луѓе останат, акцијата е пропаганда. Исто така во наредниот период треба да се спречи изградба на нови дивоградби, а за тоа законите мора да се заострат бидејќи без тоа, нови објекти ќе израстат на местото на урнатините.

„Ова е шанса за властите да покажат дека сериозни, но граѓанското општество и УНЕСКО не смеат да ги пуштат од рака. Ако се урнат 10 објекти, а 100 останат, или ако по 6 месеци израстат нови – тогаш сите ќе знаеме дека ова беше политички трик, властите не смеат да ги третираат препораките на УНЕСКО како „минато“, туку како итни задачи. Ако оваа шанса се пропушти, последиците ќе бидат неповратни – губење на статусот би го наштетило туризмот, економијата и националниот престиж“, апелира Аврамоска.

Советничката потсетува дека фактот што 40 организации испратија писмо до УНЕСКО со барање Охрид да се стави на листата на наследства во опасност е силен сигнал на аларм и покажува дека довербата во државните институции е срушена и овие организации (кои директно работат на терен) не веруваат дека властите ќе ги решат проблемите самостојно.

„Нивниот став е: „Подобро е УНЕСКО да интервенира сега, отколку да го загубиме Охрид засекогаш“ бидејќи како последен механизам за заштита е статусот “во опасност” кој би ги принудил властите да преземат итни мерки, бидејќи УНЕСКО би испратил мониторинг тимови на терен, би се осигурало меѓународно финансирање за кризни проекти и би се блокирале економските интереси што го уништуваат наследството (на пр. спорни градежни проекти).

Министерството и локалните власти ова го сметаат за „екстремно решение“, но ако 40 организации се согласни дека нема друг излез, тогаш кризата е подлабоко вкоренета отколку што се признава. Ова е јавен притисок кој не може да се игнорира. Ова е бунт на граѓанскиот сектор бидејќи Охрид не е само “туристичка атракција” – за локалните жители и активисти, тој е дом кој исчезнува. Властите сега имаат два избора: Да ги слушат граѓаните и да дејствуваат или да ја ризикуваат меѓународната срамота со продолжување на статус-квото“, анализира Аврамоска.

Според неа, вистината е дека нема значително подобрување во однос на дивоградбите во Охрид и околината, барем не тако како што би било потребно за да се задоволат барањата на УНЕСКО.

„Ситуацијата на терен според најновите податоци и набљудувања е дека дивоградбите продолжуваат, иако со помал интензитет. Нелегални објекти сè уште се градат, особено во подрачјата кај Свети Наум, Трпејца и Охридско Езеро.

Властите ретко ги спроведуваат казните за прекршители, а постојат случаи на враќање на урнати градби на истите локации. Новите проекти (на пр. хотели и викендици) често добиваат „сива зона“ дозволи, преку спорни правни постапки.

Нема вистинско подобрување бидејќи постои корупција и слаба контрола: Локалните власти често се под влијание на инвеститори. Спорот меѓу економски интереси и заштита на наследството – туризмот носи пари, но неконтролираната градба го уништува токму она што го привлекува туристите. Споро судско постапување – Дури и кога се преземаат мерки, судските постапки траат со години“, посочува соговорничката и додава дека граѓанскиот протест ќе се засили, односно веќе се организираат кампањи за собирање потписи и правни акции.

„ЕУ може да ги замрзне фондовите за развој, доколку се докаже дека се игнорираат еколошките стандарди. Дури и да има некои мали промени, реалноста е дека дивоградбата и слабата заштита продолжуваат. Охрид нема време за половични решенија – потребни се радикални промени, како: тотален прекин на нови градежни дозволи во заштитената зона, масовно уривање на нелегални објекти, без можност за реконструкција и непосредна интервенција на УНЕСКО и ЕУ доколку државата не дејствува“, советува Аврамоска.

Околу ситуацијата во Охрид разговаравме и со советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на општината. Како што велат, со жалење можеме да констатираме дека во изминатите четири години актуелната локална власт не презеде никакви мерки за подобрување на состојбата.

„Ниту пак ова прашање претставуваше нивни приоритет, што значи дека примарно се поставува прашањето дали локалната власт навистина сака Охрид да го задржи атрибутот културно и природно светско наследство.

При креирањето на Буџетот во првата година од нивното доаѓање на власт, кога се уште беше актуелно ова прашање на кое макотрпно работеше локалната власт предводена од СДСМ, на реакција на советничката група на СДСМ и коалицијата предвидоа средства за отстранување на дивоградби во износ од 5 милиони денари кои подоцна со ребалансите беа пренаменувани и на крај неискористени за намената за која беа првично предвидени.

Не само што не е отстранет ни еден безправно изграден објект туку следеше и офанзива на легализации на објекти кои навистина се изградени на растојание над 50м од брегот на Охридското Езеро, но сепак се во негова непосредна близина.

Сериозно е и прашањето за Студенчишко Блато, Со повлекување на предлог-законот за Студенчишко Блато (како „Парк на природата“) во Собрание се остава дополнителен простор за узурпации и злоупотреби“, велат советниците од СДСМ во Охрид во изјава за „Локално“.

СДСМ Охрид

Сето она што го критикуваа додека беа во опозиција, додаваат советниците од СДСМ, а се однесуваше на урбанистичкиот хаос, очигледно беше само себепромовирање и политичко поентирање бидејќи Охрид како никогаш досега е бетониран, никнат колективни станбени згради на многу локации, узурпирани јавни површини на секој чекор, се вратија платформите и шанковите по плажите, а улицата покрај кејот на езерото е претворена во панаѓур во вистинска смисла на зборот.

„Во однос на тендерот на Министерството за транспорт и врски за избор на фирма за уривање дивоградби од А категорија во заштитени подрачја сакаме да веруваме дека конечно ќе ја сфатат сериозноста на проблемот, но истовремено повикуваме на неселективност и владеење на правото, секој да биде еднаков пред законот, односно онаму каде што постојат правосилни решенија за отстранување на безправно изградени објекти истите да бидат извршени без разлика каде се наоѓаат“, наведуваат советниците.

За надминување на состојбата, нагласуваат од советничката на СДСМ, потребен е сериозен пристап и посветено заедничко делување на сите институции од централно и локално ниво, но и на сите чинители во општествено-политичкиот живот во РСМ, во спротивно она што нашите предци ни го оставиле како наследство, а светот го препознал и признал, на чекор сме да го изгубиме.

Охридскиот регион е на листата на Унеско од 1979 година, во 2019 листата е проширена и со албанската страна на езерото. Еколозите велат Унеско е бренд и додадена вредност на Охрид, најголемата реклама во светски рамки а, првите опомени на Унеско од Париз биле испратени до земјава уште во 1994 година.

Н.П.

Слични содржини