Унгарската влада го усвои првиот закон за вештачка интелигенција (ВИ), кој обезбедува ефикасна заштита на домашните компании и корисници, објави денес Министерството за економија, објавија унгарските медиуми.
Законот е усвоен по усвојувањето на националната стратегија за ВИ во септември оваа година.
Како што изјави службеникот на министерството задолжено за технологија и одбрана, Саболч Солноки, целта на владата е да создаде правна рамка за безбедна, транспарентна и одговорна употреба на ВИ , пренесува „MTI“.
-Новиот закон, создаден со професионална поддршка на Министерството за економија, е тесно поврзан со националната стратегија за ВИ што придонесува унгарските граѓани и компании да го извлечат максимумот од технолошкиот развој, додаде Солноки.
Според него, новиот закон ги применува регулативите на ЕУ за ВИ, а во исто време ефикасно ги штити унгарските компании и корисници.
Според тој закон, домашните власти се одговорни за спроведување на регулативите на ЕУ за ВИ, а ќе се формира и Унгарски совет за вештачка интелигенција.
Телото, кое ќе го води владиниот комесар за вештачка интелигенција, ќе помага во унифицираната примена на законот преку развивање упатства, како и надгледување на технолошкиот развој и официјалната пракса, како и давање препораки и предлози за помош во работата на Владата.
-Овој Совет ќе функционира како широк форум кој ќе консултира претставници од сферата на истражувањето, економијата и социјалните прашања, се вели во соопштението на тамошното Министерство за економија.