Хрватска е подготвена да им помогне на Унгарија и Словачка со снабдувањето со нафта по прекинот на увозот на руска нафта преку нафтоводот Дружба. Капацитетите на хрватската компанија JANAF – акционерско друштво со мнозински државен капитал, оператор на Јадранскиот нафтовод, се доволни и нема технички причини да не се увезува руска нафта, објави денес министерот за економија Анте Шушнарж на социјалната мрежа X, реагирајќи на пораката од унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Сијарто синоќа објави на истата мрежа дека „бидејќи Украина одбива да го продолжи транзитот на нафта преку нафтоводот Дружба од политички причини“, заедно со словачката министерка за економија Дениса Сакова, испратил писмо до хрватскиот министер за економија Анте Шушнарж, во кое апелирал до Хрватска да дозволи транспорт на руска нафта до Унгарија и Словачка преку Јадранскиот нафтовод.
„Подготвени сме да помогнеме во решавањето на ненадејното прекинување на снабдувањето, во согласност со законодавството на ЕУ и прописите на OFAC (агенцијата во рамките на Министерството за финансии на САД што управува и спроведува економски и трговски санкции – н.з.). Никој не треба да остане без гориво“, рече Шушнарж, цитиран од весникот „Јутарњи лист“.
Хрватскиот министер потсети дека отсекогаш тврдел дека JANAF има доволен капацитет за ова.
„Иако бевме обвинети за „воени шпекулации“, нашите тарифи беа и остануваат транспарентни и пазарно базирани. Хрватска ја одржува критичната инфраструктура стабилна и безпроблемна, без оглед на какви било политички обвинувања, и нема да дозволи снабдувањето со гориво во Централна Европа да биде загрозено“, нагласува Шушнарж.
Со ова, тој јасно алудира на тврдењата на унгарските политички и енергетски кругови пред затворањето на нафтоводот Дружба дека JANAF нема доволен капацитет соодветно да ги снабдува рафинериите на MOL во Унгарија и Словачка со сурова нафта и дека хрватските транспортни такси се превисоки, коментира хрватскиот портал Индекс.