Унгарија изземена од новиот пакет антируски санкции на ЕУ

од Radmila Tasevska
442 прегледи

Унгарија доби изземање од одредбите на новиот пакет антируски санкции на Европската унија и со тоа ги одби заканите кои и се закануваат на нејзиното снабдување со енергија, изјави денеска во Брисел министерот за надворешни работи на земјата, Петер Сијарто.

На прес-конференција за време на паузата на Советот за надворешни работи на Европската унија, на која се разговараше за 12-от пакет санкции против Русија, Сијарто соопшти дека Унгарија го продолжила рокот за укинување на изземањето за купување руска сурова нафта преку нафтоводот Дружба.

– Без цевководот Унгарија и Словачка не би биле соодветно снабдени, бидејќи транзитниот капацитет на Хрватска е ограничен, рече тој, пренесува агенцијата МТИ.

Според него, Унгарија обезбедила продолжување на изземањето кое истече на 5 декември, дозволувајќи и на унгарската компанија за нафта и гас Мол да продолжи да извезува рафинирана руска сурова нафта на чешкиот и хрватскиот пазар.

Сијарто рече дека нема да се стави вето на пакетот санкции доколку не го поткопа важниот економски интерес на Унгарија.

– Се чини дека Европската комисија го прифати ова и нацртот за предлогот санкции ќе го вклучи, рече тој.

Сите предлози за санкции поврзани со нуклеарната индустрија беа отфрлени, бидејќи тие ќе го оневозможат проширувањето на унгарската нуклеарна централа Пакс, рече Сијарто, истакнувајќи дека тоа е клучно за енергетската безбедност на земјата.

Слични содржини