Унгарија ја поддржа одлуката на полскиот Уставен суд за ЕУ

од Vladimir Zorba
381 прегледи

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска потпиша резолуција со која се поздравува одлуката на полскиот Уставен суд, со која се оспорува приматот на правото на Европската унија пред националните закони и ги обвини институциите на ЕУ дека премногу ги прошируваат своите овластувања.

Во резолуцијата, унгарската влада ги повикува институциите на ЕУ да го почитуваат суверенитетот на земјите од европскиот блок, изјави портпаролот на Орбан, Берталан Хаваси за унгарски „МТИ“.

Објавувањето на унгарската позиција дојде по заедничката изјава на германските и француските министри за надворешни работи, кои рекоа дека Полска има морална и правна обврска да ги почитува законите на Европската унија, во која членува од 2004 година, потсетува АП.

„Членството во ЕУ оди со целосна и неограничена посветеност на заедничките вредности и правила“, рече францускиот министер Жан-Ив Ле Дриан во петокот вечерта.

Тој додаде дека почитувањето и придржувањето на мерките мора да важат за секоја членка, а тоа важи и за Полска.

„Тоа не е само морална обврска, туку и правна“, рекоа министрите, како одговор на одлуката на полскиот Уставен суд.

Унгарската резолуција нагласува дека „лошата практика на институциите на ЕУ, која го занемарува принципот на делегирање овластувања, го натера полскиот суд да го разгледа прашањето за правен приоритет“.

„Приматот на правото на ЕУ треба да се применува само во области каде што ЕУ има надлежност и рамката за такво нешто е одредена во договорите за основање спогодби“, се наведува во унгарскиот документ.

Слични содржини