Антимиграциската влада на Унгарија е подготвена да обезбеди бесплатни билети во еден правец за Брисел за мигрантите и барателите на азил кои се обидуваат да влезат во Европската унија, изјави денеска шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан, Гергељ Гуљаш.
Тој ја критикуваше одлуката на Европскиот суд на правдата кој во јуни и наложи на Унгарија да плати казна од 200 милиони евра за постојано кршење на европските закони за азил и дополнителни милиони евра дневно додека не ги усогласи своите политики со правото на ЕУ.
„Брисел сака да не принуди да ги пуштиме мигрантите по секоја цена. Ако Брисел сака мигранти, тогаш може да ги има“, рече Гуљаш, пренесува Танјуг.
Тој рече дека ако ЕУ продолжи да наметнува регулативи за Унгарија кои „не дозволуваат мигрантите да бидат задржани на граница“, неговата земја на секој мигрант ќе му понуди „бесплатен превоз до Брисел“, пишува „Асошиетед прес“.
Антимигрантската влада на Унгарија зазеде строг став кон луѓето кои влегуваат во земјата откако повеќе од еден милион луѓе влегоа во Европа во 2015 година, повеќето од нив бегајќи од конфликтот во Сирија.
Земјата изгради огради заштитени со жилет на нејзините јужни граници со Србија и Хрватска и пар транзитни зони за задржување на барателите на азил на нејзината граница со Србија. Тие транзитни зони оттогаш се затворени, потсетува АП.
Сепак, ЕУ побара од највисокиот суд во Европа да ја казни Будимпешта затоа што ги принуди луѓето кои бараат меѓународна заштита да патуваат во нејзините амбасади во Србија или Украина за да аплицираат за дозвола за патување, што ги прекршува правилата на ЕУ кои ги обврзуваат сите земји-членки да ги почитуваат процедурите за доделување азил.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан претходно вети дека Унгарија нема да ја промени политиката за миграција и азил без оглед на какви било одлуки на Европскиот суд на правдата.