Унгарија нема да дозволи ЛГБТИ активисти да влегуваат во училиштата

од Nikola Popovski
308 прегледи

Залудни се напорите на Европската унија да ја принуди Унгарија да ја укине забраната за промовирање на хомосексуалноста во училиштата, рече во четвртокот премиерот Виктор Орбан, откако стапи на сила контроверзниот закон во земјата.

Владата нема да дозволи ЛГБТИ активисти да влегуваат во училиштата, рече Орбан.

Новиот закон стапи на сила во Унгарија во четвртокот, со кој се забранува прикажување и промовирање на родов идентитет, различен од полот по раѓање, промена на полот и хомосексуалноста на младите под 18 години во училиштата, на телевизија и во рекламите,

Тој закон предвидува список на здруженија на кои им е дозволено да ги учат децата за сексуалноста.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во средата ја предупреди Унгарија дека мора да го укине законот или дека европскиот закон ќе се применува во таа земја.

Но, Орбан одговори дека само Унгарија има право да одлучи како ќе ги образува и воспитува своите деца.

Законот беше критикуван и дома и во странство и беа одржани протести против него.

„Европскиот парламент и Европската комисија сакаат да дозволиме ЛГБТИ активисти и организации да влегуваат во градинките и училиштате. Унгарија не го сака тоа “, напиша Орбан на својот Фејсбук и рече дека станува збор за „прашање на национален суверенитет“.

„Бирократите во Брисел немаат право да се мешаат во ова и што и да кажат, нема да им дозволиме на ЛГБТИ активистите пристап до нашите деца“, рече тој.

Орбан, кој е премиер на Унгарија од 2010 година и ги чека изборите следната година, стана уште поконзервативен и поборбен во промовирањето на, како што рече, традиционалните католички вредности под притисок на либералниот Запад.

Опозициската партија Јобик исто така го поддржа законот во парламентот.

Во четвртокот, невладината организација Амнести Интернешнл и друштвото Хатер пуштија огромен балон во боја на виножито над зградата на унгарскиот парламент, протестирајќи против законот.

„Нивната цел е да ги избришат членовите на ЛГБТИ заедницата од јавноста“, рече Дејвид Виг, директор на Амнести Интернешнл Унгарија.

Слични содржини