Позицијата на Унгарија за ветото за буџетот и фондот за обновување на Европската унија останува „цврста“, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Орбан додаде дека не сака да бара компромис за прашањето на владеењето на правото.
Изјавата на Орбан, дадена за државното радио, доаѓа еден ден откако Унгарија и Полска рекоа дека ЕУ не може да го условува пристапот до средствата од буџетот и фондот за опоравување со владеење на правото, освен ако блокот од 27 нации не го промени својот основачки акт.
Полска и Унгарија ставија вето на повеќегодишниот буџет на ЕУ и фондот за економско закрепнување против пандемијата на коронавирус, вреден вкупно 1,8 трилиони евра, за условување на плаќањата кон земјите-членки со почитување на владеењето на правото.
Брисел претходно започна истрага против овие земји за наводно нарушување на независноста на судството, медиумите и невладините организации, потсетува британската агенција.
Орбан денес рече дека гласовите на Унгарија и Полска се клучни за буџетот на ЕУ и фондот за обновување.
Тој додаде дека поврзувањето на политичките дебати со економските прашања не е законска, туку политичка одлука на неколку членки на ЕУ и Европскиот парламент.
„Нашата позиција е цврста, нивна е само политичка волја. Нивната може да се промени, нашата не. Не сакам компромис“, рече Орбан.
Висок дипломат на ЕУ вчера изјави дека земјите членки на ЕУ и европратениците не се подготвени повторно да преговараат за условите под кои распределбата на средствата е поврзана со почитувањето на демократските принципи.
„Со своите изјави, Полска и Унгарија одат сè подлабоко во изолација“, рече неименуван дипломат, цитиран од Ројтерс.
Средствата што Полска и Унгарија би ги добиле од ЕУ би биле меѓу највисоките износи по глава на жител, додава британската агенција, без да ги прецизира износите.