Унгарија во понеделникот претстави сеопфатна реформа за поддршка на мајките, во голема мера ослободувајќи ги од плаќање данок на доход, јавува „Anadolu“.
„Унгарија испишува историја со најголемото намалување на даноците во Европа и целиот западен свет! „Ова не е само реформа, ова е зората на нова ера за унгарската економија“, објави премиерот Виктор Орбан на социјалната мрежа „Х“.
Според него, реформата ја носи првата економија ориентирана кон семејството во светот преку следните мерки:
Мајките со едно дете ќе бидат ослободени од данок на доход до 30-та година на живот. Мајките со две или повеќе деца доживотно ќе бидат ослободени од данок на доход.
Орбан истакна дека овој монументален чекор ја обезбедува иднината на унгарските семејства со генерации, ставајќи го семејството во центарот на економската стратегија на земјата.
„Според какви било стандарди, оваа реформа е глобална сензација – потег без преседан дизајниран да ги зајакне и слави унгарските семејства во децениите што доаѓаат“, додаде Орбан.
Унгарија долго време дава приоритет на политиките кои поттикнуваат раст на семејството. Земјата се соочува со демографски предизвици, вклучително и опаѓање на наталитетот и стареење на населението. Како одговор, владата спроведе серија про-семејни мерки за да ги промени овие трендови и да поттикне одржлив раст на населението.
Реформата е најновиот и најзначаен чекор во стратегијата на Унгарија да стане првата економија базирана на семејство во светот. Со воведување даночни олеснувања за мајките, Унгарија сака да го поттикне раѓањето деца, а во исто време да изгради посилна и помлада работна сила.
Оваа реформа е дел од поширок сет на иницијативи, кои вклучуваат директни финансиски придобивки за семејствата, субвенционирано домување за многудетни семејства, бесплатно образование и проширени социјални услуги насочени кон намалување на финансискиот товар на родителите. Владата се надева дека овие мерки ќе придонесат за просперитетно и одржливо општество во иднина.
Со трајно ослободување од данок на доход мајките со две или повеќе деца, Унгарија сака да се позиционира како глобален лидер во политиките ориентирани кон семејството. Посветеноста на владата за економската сигурност на семејствата е дел од поширокиот меѓународен тренд кој промовира рамнотежа помеѓу работата и животот и се бори против демографската стагнација.