Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации денеска извести дека повеќе од 1,2 милиони луѓе ја напуштиле Украина од почетокот на борбите.
Повеќе од 165.000 луѓе ја напуштија Украина вчера, нешто помалку од бројот регистриран во средата и значително под 200.000 во вторникот, што е најголемото еднодневно заминување од земјата од почетокот на конфликтот, според УНХЦР.
Податоците покажуваат дека повеќето од нив, околу 650.000, отишле во соседна Полска, а приближно 145.000 побегнале во Унгарија, додека уште 103.000 влегле во Молдавија и повеќе од 90.000 во Словачка.
Портпаролката на УНХЦР Шабија Манту рече дека „повеќето од нив се жени, деца и постари лица“, но не може да даде поконкретен преглед, според возраста или полот, на луѓето кои ја напуштиле Украина поради војната, наведува АП.