Универзална сала до 2028? Љутков ветува проект „клуч на рака“ и легален процес

од Илинка Илиоска
45 прегледи

Министерот Зоран Љутков очекува дека постапките за пренесување на проектот за изградба на новата Универзална сала од Град Скопје во Министерството за култура и туризам ќе траат три до четири месеци. Во интервју за „ТВ Сител“, Љутков појасни дека правниците и надворешните консултанти на Министерството активно работат на правната рамка за ова пренесување.

„Мора да се направат измени во законите, има пет-шест чекори кои треба да се завршат. Тоа може да потрае три-четири месеци. Проектот е во ред, немаме ништо против изведувачот кој ги изведувал работите во првата фаза“, изјави Љутков.

Тој истакна дека изведувачот можеби нема да биде ист и за втората фаза од проектот, која е привремено стопирана, додавајќи: „Повторно ќе се распише тендер бидејќи проектот не е целосно затворен. Проектот го нема уредувањето на платото и мебелот во Универзална сала. Ќе побараме и тие да се вклучат за да имаме проект ‘клуч на рака’.“

Исто така, Љутков потврди дека нема извештај за штетата помеѓу првата и втората фаза, ниту проценка за вкупната вредност на објектот.

„Подобро да оди побавно, но легално и како што треба“, рече министерот, подвлекувајќи дека само со почитување на законите ќе се обезбеди новата Универзална сала до 2028 година, кога Скопје треба да биде Европска престолнина на културата.

Дополнително, Љутков информира дека во рок од 20 дена, Министерството за култура ќе го преземе секторот туризам, кој досега беше под Министерството за економија. Тој нагласи дека ќе започнат со работа на програмата за туризам за 2025 година и на заедничка стратегија за промоција на културниот туризам.

За потсетување, Град Скопје лани беше избран за престижната титула Европска престолнина на културата за 2028 година. Богатата програма под слоганот „Култура над поделба“ со која Скопје се претстави пред ЕУ го освои срцето на Европа. Одлуката беше соопштена во Куќата на европската историја во Брисел, по претставувањето на програмите на двата финалисти, Скопје и Будва, Црна Гора.

Слични содржини