Kандидатот на СДСМ за градоначалник на општина Аеродром, Александар Трајановски денеска најави дека доколку ја добие поддршка од граѓаните, ќе започне со уредување на јавниот простор, со фокус на безбедност, пристапност и квалитетен урбан живот.
Визијата е, како што посочи, јавниот простор е да биде уреден согласно реалните потреби на граѓаните. Тоа значи, напомена, безбедни улици, достапни тротоари и места за рекреација каде што сите, од најмладите до највозрасните, ќе се чувствуваат пријатно и сигурно.
-Во програмата предвидуваме изградба на нови, модерни и безбедни детски игралишта, вклучително и сензорни игралишта за деца со попреченост. Ќе се адаптираат рабниците на тротоарите и ќе се изградат тактилни патеки, со цел да се обезбеди пристапност за сите граѓани. Ќе има и системски пристап во решавањето на проблемот со кучињата скитници, преку соработка со надлежните институции, со цел создавање безбедна и хумана средина, најави Трајановски.
Како што рече, во план е изградба на нови велосипедски патеки, воведување брз и функционален јавен превоз, како и паметни паркиралишта и осветлување, што ќе придонесе за енергетска ефикасност и подобар урбан живот.
Трајановски порача дека ова не се само проекти, ова се мерки за достоинствен живот на секој сограѓанин од Аеродром.