Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ги повика САД и Иран веднаш да седнат на преговарачка маса со цел да го прекинат де факто затворањето на Ормускиот теснец и да ги запрат непријателствата на Блискиот Исток.
Фон дер Лајен, за време на посетата на Австралија, каде што беше потпишан нов договор за слободна трговија, истакна дека иранските напади врз невооружени комерцијални бродови и критична инфраструктура „мора да бидат осудени“ и дека крајот на конфликтот претставува „клуч“ за стабилизација на глобалната економија, пренесува Гардијан.
Околу 20 проценти од светските резерви на нафта минуваат низ Ормускиот теснец, а Фон дер Лајен предупреди дека моменталните закани, вклучително и поставувањето на мини, напади со беспилотни летала и ракети, имаат сериозно влијание врз снабдувањето со енергенси и врз цените на гасот и нафтата ширум светот.
„Иран мора веднаш да престане со заканите, поставувањето мини, нападите со беспилотни летала и ракети, како и со други обиди за блокирање на теснецот за комерцијалниот бродски сообраќај“, изјави таа.
Фон дер Лајен нагласи дека е итно потребно дипломатско решение што ќе ги прекине непријателствата во регионот.
„Сите ги чувствуваме последиците врз цените на гасот и нафтата… но од најголема важност е да дојдеме до решение што ќе се постигне преку преговори и ќе ги прекине непријателствата што ги гледаме на Блискиот Исток“, додаде таа.