„Хуманитарната фондација за Газа“, која беше обвинувана за низа нешта, вклучително и дека нејзините пунктови во Газа многу често се цел на израелски напади кога во нив има голем број гладни Палестинци, односно за помагање на израелската војска, одново е во фокусот поради новооткриени проблеми, јави Си-Ен-Ен.
Интерна владина проценка открила дека раководителите на USAID минатиов месец искажале „сериозна загриженост“ за способноста на Хуманитарната фондација за Газа да ги заштити Палестинците и да им доставува храна. Забелешките се изнесени само неколку дена пред Стејт департментот да најави финансирање на Фондацијата со 30 милиони долари.
Си-Ен-Ен имал увид во критичкиот документ на 14 страници, во кој се наведуваат редица проблеми со апликацијата за финансирање што ја поднела Хуманитарната фондација за Газа (GHF) – организација поддржана од САД и формирана за да доставува хуманитарна помош по 11 недели блокада на Појасот Газа од страна на Израел. Канцеларијата на ОН за човекови права обвинува дека оттогаш стотици Палестинци биле убиени во и во околината на пунктови за хуманитарна помош управувани од различни организации, вклучително и пунктовите на GHF.
Проценката алармира за серија проблеми, од тоа дека во генералниот план на GHF недостигаат „некои основни детали“ па сѐ до предлог да се достави бебе-формула во области каде што нема питка вода за нејзина подготовка.
Раководител во УСАИД недвосмислено назначил дека GHF не треба да се финансира.
„Не се согласувам да се отиде понатаму, земајќи ги предвид оперативните и репутациските ризици на GHF и недостаточниот надзор“, гласи недвосмислената оценка во извештајот.
„Апликацијата беше катастрофална… Очајнички недостигаше вистинска содржина“, вели изворот на Си-Ен-Ен што инсистирал на анонимност, поради забраната за јавен настап.
Припадници на администрацијата на Трамп постојано ги отфрлаат или омаловажуваат критиките за GHF, а ито така Израел постојано ги отфрла медиумските известувања, сведоштвата од очевидци и доктори, како и обвинувањата од палестински високи претставници дека израелската војска ги убива луѓето што доаѓаат по хуманитарна помош на пунктовите на Хуманитарната организација за Газа.
Документот на УСАИД на 14 страници не бил испратен на GHF пред да биде одобрено буџетирањето. Портпаролот на фондацијата за Си-Ен-Ен ја бранел работата во Газа и ги опишал забелешките на УСАИД ако нормални за апликација за буџетирање.