Преговарачите меѓу Европскиот парламент и Советот на ЕУ конечно постигнаа привремен договор за заеднички стандард за полначи. Имено, од есента 2024 година, сите мали и средни преносливи електронски уреди што се продаваат во ЕУ ќе мора да доаѓаат со USB-C порта за полнење.
Ова вклучува мобилни телефони, таблети, дигитални камери, преносни конзоли за игри и е-читачи, додека приклучокот за полнење USB-C ќе стане задолжителен за лаптопите само 40 месеци откако законот ќе стапи на сила.
„Европските потрошувачи долго време се фрустрирани со повеќекратните полначи што се акумулираат со секој нов уред. Сега ќе можат да користат еден полнач за сета нивна пренослива електроника“, рече известувачот на Европскиот парламент Алекс Агиус Салиба.
Овој закон е дел од целта на ЕУ да ги направи електронските производи што се продаваат во земјите-членки поодржливи и да го намали електронскиот отпад, а истовремено да им помогне на потрошувачите да користат еден полнач за сите нивни уреди.
Законот допрва треба да биде изгласан во Европскиот парламент и Советот на ЕУ, закажан за подоцна оваа година, но се чини дека тоа е само формалност. Во соопштението, Европскиот парламент јасно стави до знаење дека законот ќе стапи на сила од есента 2024 година.
Оваа одлука ќе има најголемо влијание врз Apple, кој сè уште е единствениот голем производител на паметни телефони кој сè уште користи сопствен приклучок наместо USB-C порта. Но, се чини дека веќе немаат избор.
„За две години, ако Apple сака да ги продава своите производи на нашиот домашен пазар, тие ќе мора да се придржуваат до нашите правила, а нивните уреди ќе треба да имаат USB-C приклучок“, рече Агиус Салиба.
На крајот во соопштението се вели дека потрошувачите во ЕУ трошат вкупно 250 милиони евра годишно на полначи, а неискористените полначи кои доаѓаат во пакет со уреди изнесуваат околу 11.000 тони електронски отпад годишно.