„Уште еден чекор назад“: ЕУ за одлуката на Минск да го напушти Источното партнерство

од Nikola Popovski
213 прегледи

Прекинот на учеството на Белорусија во програмата „Источно партнерство“ на Европската унија е уште еден чекор наназад, рече претседателот на Европскиот совет, Чарлс Мишел.

„Белорусија денес направи уште еден чекор назад со прекинување на учеството во „Источното партнерство“. Ова ќе доведе до понатамошна ескалација на тензиите и негативно ќе влијае на белорускиот народ, лишувајќи ги од можностите што ги дава нашата соработка“, смета Мишел.

Во таа насока, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел вели дека без оглед на одлуката на Минск, Брисел ќе продолжи да ги зајакнува врските со белорускиот народ, да ја развива регионалната соработка, да одговара на заедничките предизвици и да ги поддржува демократските аспирации на граѓаните на Белорусија.

Во исто време, портпаролката на Европската комисија (ЕК), Набила Масрали, рече дека ЕУ жали за одлуката на режимот на претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко.

„Таа одлука служи само за понатамошна изолација на Белорусија“, посочи таа.

Источното партнерство е проект на Европската унија насочен кон продлабочување и зајакнување на односите со шест источни соседи – Ерменија, Азербејџан, Белорусија, Грузија, Молдавија и Украина.

Проектот предвидува значително зголемување на нивото на политичка соработка, широка интеграција на поранешните советски републики во економијата на ЕУ, како и зголемување на обемот на обезбедена финансиска помош. Во исто време, учеството во програмата не значи можност за членство во ЕУ.

Во светло на влошените односи со ЕУ, белорускиот министер за надворешни работи Владимир Макеи во ноември минатата година рече дека Минск го намалува учеството во „Источното партнерство“ на експертско ниво поради политизираниот пристап на партнерите.

Слични содржини