Уште една членка на Шенген воведе надзор на своите граници – ќе преживее ли слободното движење?

од desk2
16 прегледи

Бројката членки на Шенген зоната што повторно вовеле контроли на своите внатрешни граници се зголеми на 12 – Полска е последната во низата земји што посегнуваат по чекорот што во суштина е мерка целосно спротивна на темелните принципи за слободата на движење на кои почива Шенгенскиот договор. Останува да се види дали ЕУ ќе посегне по мерки за спасување на еден од своите клучни столбови или работите ќе одат во неврат.

Полска се реши на овој чекор делумно како одговор на веќе воспоставените контроли од Германија долж границата со Полска, кои се спроведуваат веќе неколку дена.

Паскал Аримонт, пратеник на Европската народна партија, ваквиот развој на настаните не го смета за изненадувачки. Според него, граничните проверки сѐ почесто се перцепираат како разумна и ефикасна алатка.

„Токму поради тоа, со таквите контроли треба да се пристапува многу внимателно; секогаш треба да се гледаат во европскиот контекст“, смета белгискиот европратеник.

Тој ја повикува Европската комисија (ЕК) да отпочне правна анализа за да се провери дали се почитуваат мерките предвидени во 25. член на Шенгенскиот закон, пишува Дојче веле.

Законот предвидува можност за привремени контроли
Според Шенгенскиот закон, конкретно според наведениот член 25, на земјите-членки им е дозволено повторно воведување гранични контроли во Шенген-зоната, но тоа мора да биде временски ограничено. Во случај на непосредна опасност – на пример, поради закана за терористички напад – без претходен договор со институциите на ЕУ може да се воведат контроли за период од 10 дена.

Законот понатаму дозволува продолжување на тие мерки на 6 месеци, а во вонредни околности и до две години – на пример, ако постои сериозна закана за јавната безбедност или значително е зголемена бројката мигранти.

ЕК постојано истакнува дека ваквите контроли се дозволени исклучиво како последна опција. Освен тоа, мерките мора да бидат ограничени и временски и просторно, а соседните земји и ЕУ мора навремено да бидат известени.

Портпаролот на ЕК, Маркус Ламерт, вели дека се во близок контакт со сите засегнати страни.

И покрај тоа, сѐ почесто се случува Комисијата да ги толерира долготрајните контроли, коишто требаше да бидат привремени. Контролата на границата на германската покраина Баварија со Австрија е воведена уште во 2015 година и досега не е укината. Слично, Данска врши гранични проверки кон Германија веќе 8 години.

Треба да се напомене дека Комисијата нема овластување да забрани гранични контроли пријавени од земјите-членки, туку може само да даде оценка за нивната оправданост и пропорционалност.

Дали актуелните контроли се навистина оправдани?
Сѐ уште не е јасно колкава е вистинската потреба за моментално спроведуваните контроли. Освен Германија и Полска, привремена контрола на границите спроведуваат и Франција, Холандија, Австрија, Италија, Словенија, Данска, Шведска, Норвешка, Шпанија и Словакија. И Белгија планира да воведе гранична контрола во текот на летото, со што бројката на членките на Шенген-зоната што применуваат такви мерки ќе се искачи на 13.

Ваквиот развој на ситуацијата предизвикува загриженост, посебно меѓу ЕУ-функционерите. Комесарот за внатрешни работи Магнус Брунер го истакнува значењето на зачувувањето на постигањата на Шенген.

„Ова мора да се запре, се разбира. И мораме да ја сработиме својата работа како Европска комисија. Има и потреба за забрзано спроведување на Пактот за миграциите и азилот. Се разбира, ги повикуваме земјите членки да го направат тоа што побргу“, порачува Брунер.

Слични содржини