Швајцарија во средата објави дека ги укинува речиси сите мерки за сузбивање на Ковид-19, а до крајот на март ќе ги задржи само маските во јавниот превоз и во здравствените установи, како и изолација на пациентите.
Од четврток повторно е возможен влез во продавници, ресторани, културни манифестации, институции отворени за јавноста и собири без маска и потврда за КОВИД-19, се вели во соопштението на Федералниот совет (Владата).
Се укинува и задолжителното носење маска, освен во јавниот превоз и во здравствените установи и препораките за работа од дома.
Се укинуваат и задолжителното презентирање сертификати на поголеми собири, ограничувањата за приватни собири и ограничувањата на капацитетот во продавниците на мало и жичарниците.
Според федералните власти, епидемиолошката состојба во Швајцарија продолжува да се развива во позитивна насока и „поради зголемениот имунитет на населението веројатно нема да го преоптовари здравствениот систем и покрај понатамошните значителни циркулации на вирусот“.
„Сојузниот совет затоа смета дека се исполнети условите за брзо нормализирање на општествениот и економскиот живот“, истакнуваат тамошните здравствени власти.
Алпската земја со 8,6 милиони жители пријавила скоро 12.530 смртни случаи од Ковид-19 од почетокот на пандемијата, што е повеќе од 144 смртни случаи на 100.000 жители. Речиси 69 отсто од населението е целосно вакцинирано.