УСЈЕ на Клиниката за гинекологија и акушерство-Скопје ѝ донираше апарат за капиларно одредување на ЦРП кај новороденчиња

од Nikola Popovski
241 прегледи

Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје доби донација на апарат за капиларно одредување на ЦРП со кој се оптимира давањето на антибиотска терапија кај бебињата. Апаратот е донација од Цементарница УСЈЕ АД Скопје за новороденчињата од Одделот за неонатална интензивна нега и терапија на ЈЗУ У ГАК-Скопје.

 

– Раното дијагностицирање и мониторинг на нашите пациенти е од клучно значење за навремена дијагностика и третман, со што значително се подобрува и крајниот резултат во нивното лекување. На нашата клиника се третираат највисокоризичните бебиња и новиот апарат, заедно со исклучително стручниот капацитет на нашиот тим, значително ќе го подобри правилниот пристап кон примена на соодветната  антибиотска терапија кај новороденчињата – истакна супспецијалист неонатолог Рената Димитријоска од ОИНТ при ЈЗУ У ГАК – Скопје.

 

Покрај апаратот, УСЈЕ донираше и медицинска опрема на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство со што му се дава конкретна поддршка на медицинскиот персонал кој работи посветено и во постојните услови на пандемија.

 

– Како одговорен партнер на заедницата, УСЈЕ постојано се труди да даде поддршка и да ги унапреди услугите што се од јавен интерес. Тоа го правиме токму преку вакви проекти и донации во различни сектори, бидејќи за развој на општеството во сите негови сегменти одговорни сме сите ние и можеме да дадеме конкретен придонес. Искрено веруваме во оваа девиза, а тоа го докажуваме со нашите континуирани активности во таа насока. Сега, во услови на пандемија дополнително чувствуваме потреба да помогнеме онаму каде што е најпотребно, а тоа е здравствениот сектор – истакна Борис Хрисафов главен извршен директор на УСЈЕ.

 

Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство покрај терцијарна здравствена заштита, во сите сегменти од модерната гинекологија врши и наставна дејност во рамките на Медицинскиот факултет. Годишно на оваа клиника се раѓаат околу 5000 бебиња.

 

Слични содржини