УСЈЕ со донација за Клиниката за хируршки болести Св. Наум Охридски од Скопје

од Vladimir Zorba
286 прегледи

Медицинскиот персонал од Универзитетската клиника за хируршки болести Св. Наум Охридски во Скопје доби целосно реновирани заеднички простории, со што значително ќе се подобрат условите за работа во Ковид 19. Реновирањето на просториите е реализирано со донација од компанијата УСЈЕ во висина од 30.000 евра.

„Здравствената криза покажа колку е важна соработката и поддршката помеѓу приватниот и јавниот сектор. Сите ентитети во општеството имаат своја одговорност и можат да придонесат за подобрување на состојбите. УСЈЕ како општествено одговорна компанија во континуитет поддржува и е дел од различни проекти од јавен интерес. Во услови на пандемијата медицинскиот персонал заслужува целосна поддршка од сите нас. Компанијата и понатаму ќе биде конструктивен партнер на општеството, бидејќи искрено веруваме дека можеме да придонесеме и да помогнеме“, истакна Борис Хрисафов главен извршен директор на УСЈЕ.

Покрај целосното реконструирање на заедничките простории, УСЈЕ донираше и медицинска заштита опрема за медицинскиот персонал на Универзитетската клиника за хируршки болести Св. Наум Охридски во Скопје. Оваа болница презема голем дел од пациентите во сегментот на хируршки и трауматски болести, по воведувањето на посебниот протокол во останатите јавни болници и клиники во Скопје.

„Несомнено пандемијата предизвика засилен притисок врз здравствените системи. Ние се трудиме да дадеме најдобра услуга за нашите пациенти. Но во овие вонредни услови, кога нашата болница презема голем дел од пациентите, од огромна важност е поддршката и од реалниот сектор. Само преку поддршка и соработка можеме да ги подигнеме стандардите и да обезбедиме подобри услови за медицинскиот персонал, а со тоа и подобар третман на пациентите“ истакна д-р Љубе Арсенков, директор на Универзитетската клиника за хируршки болести Св. Наум Охридски.

Од почетокот на здравствената криза предизвикана од Ковид 19 вирусот, Цементарница УСЈЕ во јавното здравство донираше околу 100.000 евра. Донирани се медицинска опрема и апарати на Министерството за здравство, ГОБ 8-ми Септември, Универзитетската клиника за инфективни болести – Скопје, Универзитетската клиника за дерматовенерологија – Скопје, Универзитетската клиника за токсикологија – Скопје и на Специјалната болница за геријатрија и палијативна медицина.

УСЈЕ ги презема сите потребни мерки за заштита од натамошно ширење на Ковид 19, а во целост ги имплементира и сите досегашни мерки во секојдневното работење.

Слични содржини