Успешно заврши твининг-проектот „Jакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон нејзиното членство во ЕСЦБ“

432 прегледи

Народната банка постојано работи на усвојување на најдобрите практики и стандарди коишто сѐ повеќе ја приближуваат до  Европскиот систем на централни банки. Оваа стратешка ориентација беше потврдена минатата година. Одговарајќи им брзо и навремено на предизвиците што ги носи пандемијата, Народната банка преку проектните активности продолжи со зајакнување институционалниот капацитет во клучните области. Со ова ѝ се овозможи подобро исполнување на нејзините цели и задачи, обезбедувајќи значаен придонес за развојот на економијата во полза на сите граѓани и компании.

Ова се дел од пораките од конференцијата со којашто се означи успешната завршница на проектот „Jакнење на институционалниот капацитет на Народната банка на патот кон нејзиното членство во ЕСЦБ“, финансиран од Европската Унија. Проектот се остваруваше во изминатите осумнаесет месеци, со голем број експертски мисии и размена на искуства и експертски ставови, при што твининг-партнери на Народната банка ѝ беа централните банки на Германија и Хрватска, а со свои експерти во активностите учествуваа и централните банки на Белгија, Грција, Литванија, Португалија, Романија, Словачка и Холандија. Како што беше презентирано на конференцијата, со проектот се остварија значајни резултати во четири проектни компоненти: платежните услуги и системи, банкарската регулатива и супервизија, статистиката на финансиските сметки и истражувачките активности за анализа на политиките.

„Резултатите од овој проект се уште еден чекор на нашата централна банка кон целосно усогласување со најдобрите европски практики и стандарди, а со тоа и кон членство во европското семејство на централни банки. Овој проект покажува дека дури и во секојдневие оптоварено со голем број активности и одлуки, и понатаму сме посветени и сконцентрирани на нашите стратешки цели. Истовремено, повторно се потврди кохезијата на централнобанкарската заедница и нејзината улога на поддржувачка на иновациите во корист на нашите општества. Иако овој твининг-проект започна пред пандемијата, тој секако го зголеми нашиот капацитет во областите што играат клучна улога во овие тешки времиња“, рече гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во своето воведно обраќање, по што се осврна и на резултатите од проектот во рамките на четирите проектни компоненти.

Амбасадорот Дејвид Гир од Делегацијата на ЕУ истакна дека со проектот се зајакнаа неколку важни компоненти на сложената рамка на централната банка. Исто така, нагласи дека поддршката на ЕУ ги надополнува веќе успешните реформи и политики на Народната банка. Тој го нагласи широкиот меѓународен консензус дека Народната банка е способна за брза и сеопфатна реакција за ублажување на влијанието на пандемијата врз економијата. Покрај тоа, во однос на монетарната политика, тој го посочи последниот извештај на ЕК во кој се наведува дека усогласувањето на правната рамка на земјата со законодавството на ЕУ е во напредна фаза. На крајот, тој потврди дека Европската Унија и во иднина ќе го поддржува реформскиот пат на Народната банка; Делегацијата на ЕУ и Народната банка работат на уште еден проект за понатамошно зајакнување на капацитетите на Народната банка за извршување на своите должности и за напредување кон долгорочната цел на Европскиот систем на централни банки.

„Твининг-проектот е всушност алатка за успешно споделување на знаењето и искуството. Тој е алатка и за зближување на народите, за развивање добри и блиски меѓусоседски односи, како и за учење од земјите кориснички. Со ова, искрено верувам дека хрватското искуство и знаење се одрази и се потврди во сите компоненти на овој проект каде што беше потребно, особено кога се работи за постигнување на главната цел на проектот. Во тој контекст, лидерот на проектот ми посочи дека е воспоставена драгоцена соработка со хрватските експерти, дека земјата корисничка е особено задоволна од работата на нашите експерти и дека биле спроведени одредени дополнителни активности коишто не биле планирани на почетокот на проектот. Затоа, особено би сакала да истакнам дека Хрватска е благодарна за непроценливото искуство стекнато преку соработката со нашите партнери во Северна Македонија“, рече амбасадорката на Република Хрватска, Нивес Тигањ.

Осврнувајќи се на монетарната политика на Народната банка, од монетарното осамостојување во 1992 година наваму, во контекст на значењето на твининг-проектот, Ото Граф, заменик-амбасадор и раководител на Одделот за економија на Германската амбасада во земјава, меѓу другото истакна:

„Колку далеку стигна Северна Македонија од тогаш. Денес имаме фиксен девизен курс на денарот во однос на еврото. Благодарение на стабилните девизни резерви на Народната банка на Северна Македонија, оваа политика на девизен курс е одржлива. Но, бидејќи никогаш не е добро да се потпираме на пофалбите, Народната банка постојано ги подобрува своите монетарни политики и мерки. Германија е горда што овој твининг-проект може да се спроведе со заемна соработка меѓу Народната банка на Северна Македонија, Хрватската народна банка и Дојче бундесбанк.

Во однос на спроведените активности од проектот, посочи дека тие се важни бидејќи Северна Македонија е на патот кон Европската Унија и ваквиот напредок е предуслов за идното пристапување кон ЕУ.

На конференцијата се обрати и Буркхард Балц, член на Извршниот одбор на Дојче бундесбанк, којшто нагласи: „Задоволство и гордост ми е што можам да кажам дека успешно ги исполнивме амбициозните цели на нашиот проект, и покрај тешките услови со кои се соочуваме во моментов“.

„Со оглед на предизвиците од пандемијата на ковид-19, темата на проектот не можеше да биде порелевантна… пандемијата постави барања и до централните банки. Тие, во целиот свет, мораа да преземат мерки за стабилизирање на финансиските системи и за спречување на недостигот на кредитна понуда што би го засилил веќе големиот пад на активноста на реалниот сектор. Прво и најважно, ова подразбираше мерки на монетарната политика. Сепак, пандемијата влијаеше и на другите задачи на централните банки, како што се банкарската супервизија, финансиската стабилност и обезбедувањето на економијата со средства за готовинско и безготовинско плаќање. Со други зборови, пандемијата уште еднаш истакна дека централните банки мора да бидат подготвени за брзо, одлучно, а понекогаш и креативно дејствување, во секое време и во сите области. За оваа цел, најважно е да се поседува соодветен институционален капацитет. Ова, пак, може најдобро да се постигне со размена на најдобри практики, со учење едни од други и со развивање заеднички идеи. Твининг-проектите на ЕУ се идеална платформа за тоа“, рече Балц.

Гувернерот на Хрватската народна банка, Борис Вујчиќ, исто така се осврна на резултатите од значајниот твининг-проект. Во своето обраќање, тој потсети дека на овој проект му претходела успешна соработка на експертите од нашата и хрватската централна банка, притоа нагласувајќи: „Ваквата блиска и прилично редовна соработка на нашите вработени вклучуваше и размена на искуствата за различните задачи на централните банки и со нетрпение очекувам продолжување на оваа добра соработка меѓу нашите две централни банки“.

„Овој твининг-проект е една од многуте активности што ја доближуваат Северна Македонија до членството во ЕУ. Иако на прв поглед може да изгледа дека спроведените проектни активности и постигнатите резултати не се толку привлечни за пошироката јавност, тие сигурно се особено важни за македонските компании коишто вршат финансиски услуги и за економијата во целина“, рече Вујчиќ.

Тој исто така напомена: „Како што слушнав од моите колеги, повеќето од нив немале претходно искуство со твининг-проекти, но ефикасно ги извршувале своите задачи и научиле многу. Споделувањето на нивното знаење со македонските колеги им овозможило да го усовршат своето стручно знаење. Исто така, би сакал да нагласам дека македонските колеги покажале високо ниво на посветеност, професионалност и компетентност“.

Во вториот дел од настанот, компонентните лидери ги презентираа остварувањата во четирите проектни компоненти. Меѓу другото, беше даден и осврт на унапредувањата што ќе следат во платежната сфера, како и на супервизорската оцена на процесот на утврдување на интерната ликвидност (ПИЛ), активностите за подобрување на наплатата на побарувањата и управувањето со нефункционалните кредити од страна на кредиторите. Во сферата на статистиката, беше издвоена статистиката на финансиските сметки, имајќи предвид дека дел од активностите во овој проект се однесуваа на развојот на финансиските сметки – текови, како и на утврдувањето и поставувањето соодветни методи на пресметка и извори на податоци за изготвување на кварталните финансиски сметки – состојби и текови. Беа презентирани и резултатите од истражувањето на врската помеѓу реалните и финансиските циклуси во македонската економија, преку примена на динамичкиот стохастичен модел на општа рамнотежа (модел ДСГЕ) со делумна евроизација, за што неодамна беше презентиран истражувачки материјал и на Клубот на истражувачите на Народната банка.

Од презентираното, уште еднаш се потврди дека проектот за којшто Европската Унија издвои 600.000 евра и придобивките што од него ќе ги користи Народната банка, во натамошниот период ќе придонесат за уште позабележливи остварувања коишто ќе бидат корисни за граѓаните и компаниите, односно за економијата во целина.

Слични содржини