Уставниот суд денеска ја одржа 37. седница на којашто расправаше и одлучуваше по девет иницијативи за оценување на уставност и законитост.
На седницата, како што информираше прес-службата на Уставен суд, било одлучено да не се поведува постапка за оценување на уставноста и законитоста за точките 3 и 4 од Одлуката за висината на надоместокот на пратениците за користење на автомобил во лична сопственост за службени цели и надоместок на трошоци за патарина. Иницијативата беше поднесена од пратениците на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов.
Како што образложија судиите, таква одлука е донесена врз основа на тоа што Комисијата за прашањата на изборите и именувањата како постојано работно тело на Собранието, надлежно за определувањето на висината на надоместокот на трошоците кои, во согласност со прописите им се признаваат на пратениците, е надлежен орган за донесување на оспорената одлука.
– Правото кое пратениците го имаат на надомест за користење на автомобили во лична сопственост за службени цели и висината на овој надомест, се утврдени со Законот за пратениците. Со оспорената одлука се разработуваат условите за остварување на ова право, односно се прецизираат случаите кога се смета дека возилото се користи за службени цели. Оспорените точки 3 и 4 од Одлуката се во согласност со Законот за јавните патишта и со нив изворно не се утврдува право на пратениците. Станува збор за правно прашање, по кое веќе Судот претходно расправал и зазел став во предметот У.бр.85/2006, при што предмет на оцена била иста одлука на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието, при што истиот став беше прифатен и во овој предмет, додадоа од прес-службата.
На седницата е одлучено да не се поведува постапка за оценување на уставноста на член 111 став 4 од Законот за административни службеници, иницијатива поднесена од Љупчо Јосев.
Не е поведена постапка ми за оценување на уставноста на делот: „на некој предмет или право што се запишани во јавни книги” од став 1 на член 128 од Законот за стечај, за иницијативата на Бобан Богдановски, адвокат од Скопје.
Исто така, не е поведема постапка за оценување на уставноста на член 40 ставови 3, 4 и 6 од Законот за процена, чиј поднесител е Душан Димитров, како и за оценување на уставноста на член 62-а ст.1 во делот „од денот на издавање на одобрението за градење ” од Законот за градење и се отфрла иницијативата за оценување на уставноста на член 62-а став 2 во делот „од денот на издавање на одобрението за градење” од Законот за градење.
Судот не поведе постапка ниту за оценување на уставноста на член 136 став 7 од Законот за високото образование и ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на член 187 став 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение, поднесена од Центар за напредни истражувања, застапуван од д-р Темелко Ристески.
Судиите не поведо постапка и за оценување на уставноста на член 219 став 2 од Колективниот договор на МВР и ја отфрлија иницијативата во делот во кој се бара оценка на меѓусебната согласност на член 219 став 2 со член 243 став 3 од актот означен во точката 1 на ова решение, што ја поднесе Синдикатот на Полиција на Македонија од Велес.
Покрај ова, не е поведена постапка ниту за оценување на уставноста и законитоста на член 6, член 8 и член 9 од Колективниот договор на Агенцијата за пошти, склучен помеѓу Агенцијата за пошти и Синдикалната организација при Агенцијата за пошти бр.01-152/1 од 26 јули 2018 година, иницијатива што ја поднесе Агенцијата за пошти Скопје, застапувана од директор Билјана Аврамоска Ѓореска.
На седницата беше отфрлена и иницијативата за Буџетот на Општина Демир Хисар за 2021 година, донесен од Советот на Општина Демир Хисар, на 49-тата седница, одржана на 12 март 2021 година, објавен во „Службен гласник на Општина Демир Хисар” број 4 од 18 март 2021 година.
– Завршна сметка на Буџетот на Општина Демир Хисар за 2020 година, донесена од Советот на Општина Демир Хисар, на 49-тата седница, одржана на 12.03.2021 година, објавена во „Службен гласник на Општина Демир Хисар” број 4 од 18.03.2021 година, додадоа од Уставен суд.