Уставниот суд ги поништи резултатите од првиот круг од претседателските избори во Романија на само два дена пред да се одржи вториот круг. Тоа значи дека изборниот процес повторно ќе започне, а владата треба да одлучи за датумот на новите избори.
Калин Ѓорѓеску, речиси претходно непознат НАТО скептик од екстремната десница, кој претходно го фалеше Владимир Путин, неочекувано освои најмногу гласови во првиот круг.
Судот наведе дека ваквата одлука ја донел со цел „да се осигура исправноста и законитоста на изборниот процес“.
Оваа одлука е „единствената точна“ и „покажува дека резултатот од романското гласање беше јасно искривен поради мешањето на Русија“, рече романскиот премиер Марсел Чолаку.
Судиите на Уставниот суд рекоа дека добиле барање за поништување на резултатите од првиот круг од изборите, повикувајќи се на разузнавачки информации, декласифицирани оваа недела, во кои се детализирани наводите за руско влијание на социјалните мрежи за време на кампањата.
Романскиот совет за безбедност претходно објави дека земјата била цел на „агресивни хибридни руски напади“ за време на изборниот период.
Уставниот суд претходно нареди пребројување на првиот круг гласови по тврдењата дека платформата за социјално вмрежување „ТикТок“ го фаворизира Ѓорѓеску, а подоцна ги потврди резултатите.
Ѓорѓеску, кој нема партија, водеше кампања главно на „ТикТок“.
„ТикТок“ категорично ги отфрли обвинувањата дека го фаворизираат овој кандидат пред другите.
Ѓорѓеску освои 23 отсто од гласовите во првиот круг, Елена Ласкони од опозициската „Да ја спасиме Романија“ освои 19 отсто, а премиерот Марсел Колаку од владејачките социјалдемократи беше трет.