Уставниот суд на Словенија привремено ја суспендираше одлуката на владата за задолжителна вакцинација на државните службеници, бидејќи оцени дека на тој начин се кршат нивните работнички права.
Неколку синдикати побараа оцена на уставноста на одлуката според која работниците во државната администрација мора да имаат потврда од петок, 1 октомври, дека се вакцинирани со барем една доза вакцина против коронавирус или дека го прележале вирусот, пренесува Хина.
Синдикатите тврдат дека на оние што одбиваат им се заканува отказ, а владата тврди дека ова е само привремена мерка за заштита на здравјето и нормалното функционирање на државата.
Уставниот суд оцени дека одлуката може да доведе до раскинување на договорот за работа.
„Тоа би значело не само влошување на положбата на вработените, туку би ги загрозило нивните работнички права“, се наведува во образложението на судот.
Оваа суспендирана одлука, која наиде на негативни критики во јавноста, ќе опфати околу 130.000 луѓе кои требаше да ја примат барем првата доза на вакцината до 1 октомври, а втората до 1 ноември, за да продолжат со работата.
Владата, како што се наведува, имала намера оваа мерка навреме да ја прошири и на други категории на население, со цел да го зголеми бројот на вакцинирани на 70% од населението, објави Танјуг.