Уставниот суд на денешната седница ја отфрли иницијативата на Здружението на поранешните жители на село Лазарополе од Скопје, со која се бараше Судот да ја укине Одлуката на Владата на РМ донесена во јануари 2015 година која се однесува за давање на согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изработка на урбанистички план вон населено место за изградба на викенд населба КО Лазарополе, општина Маврово и Ростуше.
Иницијативата е отфрлена бидејќи станувало збор за конкретни акти кои не се во надлежност на Уставниот суд.
Одлуката за давање согласност се однесува на неколку катастарски парцели, кои претежно се ливади и не претставуваат пропис или општ акт по кој би можел Уставниот суд мериторно да одлучува, поради што иницијативата е отфрлена.
Судиите поведоа постапка за член 4, став 2, алинеја 2 и член 8, став 1 во делот: „ плаќа и надоместок за водење на постапката во зависност од висината на изречената глоба, и тоа: до 1.000 евра во денарска противвредност, надоместок од 20 евра во денарска противвредност; од 1.000 до 5.000 евра во денарска противвредност, надоместок од 50 евра во денарска противвредност; од 5.000 до 20.000 евра во денарска противвредност, надоместок од 100 евра во денарска против-вредност; од 20.000 до 100.000 евра во денарска противвредност, надоместок од 200 евра во денарска противвредност; од 100.000 до 200.000 евра во денарска противвредност, надоместок од 300 евра во денарска противвредност или над 200.000 евра во денарска против-вредност, надоместок од 400 евра во денарска противвредност од Законот за основање на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.
Судот изрази сомнеж за согласноста на овој дел од Законот со уставните норми и затоа поведе постапка. Според Судот не се знае целта на плаќањето на овој надомест за водење на постапка кој не е ниту за трошоци на постапка, ниту за административни такси.
На денешната седница не беше поведена постапка за иницијативата поднесена за член 246, став 1 од Законот за сопственост и други стварни права, како и за иницијативата поднесена за член 30-д, став 1, алинеи 2 и 3 од Законот за виното./МИА
