Австрискиот парламент вечерва по неколкучасовна жестока расправа го усвои законот со кој се воведува општа задолжителна вакцинација против коронавирус и ќе стапи на сила на почетокот на февруари.
Одлуката за задолжителна вакцинација на полнолетните граѓани е донесена со големо мнозинство. Од 170 гласови, 137 пратеници гласаа „за“, а 33 „против“ законот.
Инаку, на седницата не присуствуваа 13 пратеници, речиси од сите парламентарни партии.
За законот гласаа пратениците од владејачката Народна партија на Австрија (ОВП) и Зелените, како и од опозициската Социјалдемократска партија (СПО) и Неос.
Партијата на слободата (ФПО) гласаше против мерката, обвинувајќи ги властите и сите оние кои гласаа за задолжителна вакцинација за воведување тоталитаризам и „здравствен комунизам“ во Австрија.
На барање на ФПО, гласањето беше спроведено со прозивање на пратениците, така што пратениците по објавувањето на имињата требаше да го стават својот глас во гласачките кутии предвидени за таа цел.
Колку законот за задолжителна вакцинација го подели општеството покажува дека во периодот на јавна расправа на веб-страницата на Собранието биле испратени повеќе од 100.000 ставови на граѓани.
За време на дебатата, сите партии го критикуваа ФПО, обвинувајќи ги либералите за ниски стапки на вакцинација.
Од друга страна, пратениците на ФПО истакнаа дека ваквиот закон е без преседан во демократска Австрија и дека на тој начин владата ја изгубила довербата на граѓаните.
Лидерот на ФПО Херберт Кикл најави дека нема да се вакцинира и покрај задолжителната вакцинација.
Според усвоениот закон, сите полнолетни граѓани кои се регистрирани во Австрија ќе треба да се вакцинираат против коронавирусот.