Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија, Туристичко-угостителската комора на Македонија во рамки на Сoјузот на стопански комори и Националната асоцијација за дојдовен туризам, го повторија барањето за итна смена на директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски.
Имено, тој веднаш по првото барање истакна дека не го прифаќа повикот за оставка и излезе на прес конференција, на која ги соопшти резултатите од сработеното за првите 10 месеци годинава, а ги најави и плановите предвидени за 2021. година.
Од Стопанската комора за туризам на Македонија, посочија дека не е потребна оставка на Јаневски, како и дека неговата смена е претенциозна.
Утре пак, ќе се оддржи седницата на Координативното тело за туризам во кое членуваат сите засегнати страни. Како што соопшти директорот на Агенцијата, Јаневски, на седницата ќе бидат изнесени нови предлог-мерки за ублажување на ударот од корона кризата во туризмот. Се очекува да биде ставено на маса и барањето за итно конституирање на владиниот Комитет за туризам како тело од највисок ранг кое би ги разгледувало предложените мерки, но и кое би дејствувало како механизам за изнаоѓање решенија и надминување на пречките за развој на туризмот.
Од здруженијата кои бараат оставка од Јаневски уште еднаш потенцираат дека се репрезенти на над 95 отсто од туристичко-угостителскиот сектор, како и дека подолго време укажуваат на некооперативност, дисфункционалност и непродуктивност на ресорната институција одговорна за промоција и поддршка на туризмот, поради што минатиот месец јавно побараа итна смена на Јаневски, а кон ова барање се приклучи и Независната угостителска комора.