Утрово околу 8 и 30 часот во скопската населба Лисиче е пукано кон таткото на Самоил Костадиновски, кој е исчезнат веќе четврти месец.
Според информациите на „Локално“ од полицијата, тој е повреден и веднаш е пренесен во болница.
Полицијата е на терен.
26-годишниот Костадиновски, кој е внук од сестра на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, исчезна на 4 март. Тој последен пат бил виден во близина на Чешката амбасада на Водно, како влегува во автомобил, во кој имало уште неколку лица.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски пред отприлика еден месец соопшти дека истрагата за Костадиновски е сè уште во тек и се преземаат низа криминалистички дејствија.
Тоа што е досега познато, како што посочи министерот, е дека се упасени две лица во однос на овој предмет и дека е поднесена кривична пријава за грабнување.
-Од страна на судот определена е мерка притвор којашто се продолжува заради тоа што има основ, односно може да има опасност од бегство или да влијае врз сведоците, кажа Спасовски.
Таткото на Самоил, Љупчо Костадиновски во обраќања до јавноста нудеше парична награда за пронаоѓањето на неговиот син.
На почетокот на март на социјалните мрежи беше објавен апел за помош од граѓаните за наоѓање на Костадиновски. Во апелот беше објавено дека момчето било киднапирано во близина на Чешката амбасада, но објавата брзо беше повлечена од социјалните мрежи, а исчезнувањето на Костадиновски беше потврдено од страна на МВР.
Н.П.