На почетокот на затемнувањето, неисправните семафори предизвикаа застој во главниот град на Босна, Сараево и градовите Бања Лука и Мостар, пренесуваат новинарите на Ројтерс.
Многу луѓе останаа без вода во Подгорица бидејќи пумпите престанаа да работат, известија мештаните. Во туристичките продавници беа исклучени клима уредите, а сладоледот се топеше.
Автомобили запреа и во хрватскиот приморски град Сплит, објави државната ТВ ХРТ. Сирените за итни случаи се огласија низ градот, се додава.
„Дефектот настана како резултат на големо оптоварување на мрежата, нагло зголемување на потрошувачката на електрична енергија поради високата температура и самите високи температури“, изјави црногорскиот министер за енергетика Саша Мујовиќ во телевизиски пренос.
Изворот на дефектот се уште се утврдува
Експертите сè уште се обидуваат да утврдат од каде потекнува колапсот, додаде тој.
Црногорската телевизија „Вијести“ објави дека е забележан пожар на далновод од 400 KW во нерамна област долж границата со Босна – иако засега не е јасно дали тоа би можело да биде причина за прекин на системот или е некако поврзано со него.
Во извештајот се цитираат неименувани извори во компанијата за пренос на електрична енергија CGES за која се вели дека ќе бидат потребни хеликоптери за пристап до локацијата.
Распад меѓу Албанија и Грција?
Албанската министерка за енергетика Белинда Балуку рече дека има дефект во интерконекторот меѓу Албанија и Грција и дека слушнала за слични околности во Црна Гора и делови од Хрватска и Босна.
За целосна истрага би било потребно време, но раната анализа сугерира дека „големите количини на енергија во преносниот систем во овој момент и многу високите температури на рекордно ниво го создадоа овој технички проблем“, додаде Балуку во видео обраќањето.
Напојувањето беше вратено во Албанија во рок од половина час, но земјата и понатаму е изложена на висок ризик од дополнителни прекини, бидејќи потрошувачката на струја и нивото на топлина остануваат високи, рече таа.
Оптеретен систем?
Промените во снабдувањето со енергија во регионот ги затегнаа преносните системи, велат претставниците на индустријата.
Земјите од Западен Балкан доживеаја бум во инвестициите во сончевата енергија, со намера да се ублажи енергетската криза која го загрози оддалечувањето од јагленот.
Инфраструктурата, сепак, не е подготвена за нови извори на енергија, изјавија за Ројтерс минатиот април претседателот на Регулаторната комисија за енергетика на Македонија, Марко Бислимоски и други фигури од индустријата.