Во емисијата „Отворено“ се отвори дебата околу користењето на британскиот заем, каде универзитетскиот професор Ванчо Узунов истакна дека капитални инвестиции не се само патишта и мостови, туку најмногу вложување во образование и здравство.
„Ако сакаме развој, да ги вложиме сите пари во образованието. Тоа ќе биде вистинска капитална инвестиција. Патишта можеме и сами да изградиме. Проблемот на Македонија не е недостаток на пари, туку недостаток на квалитетно образование и реформи“, рече Узунов. Според него, договорите со други држави се често нерамноправни, а британскиот заем може да стане уште едно задолжување без вистински ефект, како што беше случајот со унгарскиот кредит.
Тој нагласи и дека реализацијата на проекти не зависи од политичарите, туку од администрацијата која со години нема капацитет и потребни вештини.
Благица Петрески од „Фајнанс Тинк“ смета дека заемот може да донесе економски бенефити ако се искористи правилно. „Важно е да се инвестира и во инфраструктура, но и во човечки капитал. Ако изборот на компании е транспарентен и без политички влијанија, ќе имаме позитивни ефекти врз економијата“, изјави таа.
Петрески додаде дека Македонија има многу стратегии, но проблемот е во нивната имплементација и во тоа што постојано се бараат брзи резултати, наместо долгорочна визија.
Андреја Серафимовски од Здружението за градежништво го поддржа заемот, нагласувајќи дека државата има потреба од инфраструктурни проекти. Сепак, предупреди дека градежниот сектор изгубил капацитети и искуство во изминатите години поради недостаток на стратегија и поддршка.
„Немаме капацитети за одредени проекти, особено во железничкиот сектор. Треба повторно да го изградиме градежништвото, но со план и мали, паметни мерки“, рече Серафимовски.