Минатата недела македонската јавност ја потресе информацијата дека ученик од Гимназијата Корчагин си го одзел животот, а тоа наводно се случило откако го зел сведитеслството. По случувањата повторно излегува на виделина и се многу родители го истакнуваат проблемот со менталното здравје на децата во училиштата.
На социјалните мрежи можеа да се прочитаат и доста шпекулации во врска со причината поради која ученикот си го одзел животот, а една од нив и дека бил „малтретиран“ од други деца, но сето ова се, засега, непотврдени информации и за вистинската причина веројатно никогаш и нема да се дознае.
Според психологот Дора Узуновски, „ако „помоќните“ деца во класот го вршат „булингот“, послабите ќе тежнеат да се приклонат кон нив за да не би се нашле во ситуација тие да бидат нивни жртви“.
„Булингот“ во училиштата е појава која датира одамна, но изминативе денови е се почесто присутна во разговорите на родителите, но и во медиумите, поради трагичниот случај со самоубиство на ученик во средното училиште Корчагин, за кое се шпекулира дека токму таа појава е причината. Од професионална гледна точка, како „булнигот“ може да влијае врз развојот на детето?
-Булингот може да има буквално разорно влијание, во зависност од суровоста, но и од капацитетите за справување на личноста. Овие последици може да влијаат врз развојот на детето и да дојдат до израз кога ќе биде возрасна личност. Но, актуелно на соодветната возраст влијае на самодовербата на детето, неговиот успех во училиште, потреба од изолација, доживување на безвредност и срам од себе. Подоцна, како што напоменав, овие доживувања ја градат идната слика за себе кај личноста и може да имаат буквално влијание на себе-саботажа во било која област од животот во подоцнежните години.
На пример, доколку детето било исмевано за изгледот или за социјалниот статус, може во иднина да има сериозна пречка во приоѓањето кон партнер и остварувањето на партнерска врска. Може дури и тие кои би му приоѓале да ги доживува како безвредни, проектирајќи ја својата слика за себе врз нив. „Ако јас сум безвреден, сигурно овие што ме почитуваат и ми укажуваат на љубов, се исти како мене, бидејќи кој би можел да сака некој ваков како мене?“ Значи се формираат когнитивни шеми кои се вклучуваат при било каков сличен тригер во иднина кои несвесно ја тераат личноста да реагира како тогаш во тој момент кога била изложена на насилството.
Зошто децата стануват насилни? Дали треба причината да се бара дома, во семејството?
-Причините за агресијата се бројни, меѓутоа проблемот е системски. Сигурно дека има влијание дисфункционалноста на семејствата, но и дисфункционалноста на семејствата потекнува од некаде и има свои корени. Агресијата вообичаено се движи во надолна линија, а не во нагорна. На пример, ако еден татко дома врши насилство врз мајката и таа се чувствува послаба од него, таа понатаму ќе врши насилство врз своето дете кое пак, тоа ќе бара некој друг послаб од него за и тоа да може да изврши насилство.
Но „булингот“ може да биде резултат и на приклонување кон групата. Ако „помоќните“ деца во класот го вршат „булингот“, послабите ќе тежнеат да се приклонат кон нив за да не би се нашле во ситуација тие да бидат нивни жртви. „Role модели“ во една група се секогаш тие кои се доживувани како силни и сите други несвесно го имитираат нивното однесување. Не е неевобичаено во една група да има поединци кои се посилни од другите, меѓутоа прашање е на каков начин ја употребуваат својата сила.
Дали ќе бидат лидери и ќе послужат за мотивација, придвижување и пример или ќе бидат девијантни, па ќе ја прошират девијантноста и врз другите. Вредностите на кои се воспитуваат децата исто така имаат голем удел. Позитивните вредности ќе креираат позитивна средина, негативните вредности и површноста ќе креираат негативна средина и површни ставови.
Кога родителите треба да се посомневаат дека нивното дете е малтретирано, кои се знаците и симптомите?
-Знаците и симптомите може да бидат отворени, но често и прикриени. Овде веќе зависи каков е взаемниот односот на детето со родителите и колкава доверба има стекнато во нив. Се случува родителите некогаш да не дадат значење на тоа што го кажува детето и како тоа се чувствува. Доколку не постои отворен разговор, повлекувањето во себе, повлекувањњто е еден од знаците на кој треба да се обрне внимание. Исто така, живееме во време во кое децата е важно да се научат на себе-одбрана. Ако родителите во својата природа се луѓе кои се повлекуваат пред предизвиците, детето ќе го научи истото однесување и ќе го повторува. Доколку е научено да реагира со страв, ќе се повлекува. Асертивноста во комуникацијата е многу важна за себе-заштита. Некогаш, се разбира тешко е да се примени, особено ако групата е голема, а детето е само.
Потребен е и став за заштита од надлежните, а тоа се професорите и повисоките структури во училиштата. За жал ја видовме потфрленоста и индолентноста на системот. Анксиозност, депресивност, одбивање на одговорностите и нервоза сигурно покажува дека нешто не е во ред со детето. Се разбира, причинителот за овие состојби не мора секогаш да биде „булинг“, но може да биде една од причините. Во таков случај пожелно е родителите да преземат акција и да истражат што се случува во рамки на училиштето и дали од таму потекнува проблемот, кога веќе за жал се препуштени сами на себе без предупредување од наставниците.
Потребно ли е децата од рана возраст да учат за своето ментално здравје, за начинот на комуникација со своите другарчиња, за прифаќањето?
-Една од најпознатите поговорки во психологијата е дека „Детето е татко на човекот“. Тоа што се втиснува во умот на детето од најмалата возраст создава невронски врски во мозокот кои понатаму го одредуваат неговото однесување. Се разбира, тоа не е неменливо, но секогаш е подобро да се превенира на време отколку подоцна да се лечи. Децата размислуваат на конкретно ниво, апстрактното им се развива после десеттата година. И токму тоа што ќе се совлада на конкретно ниво, подоцна се пренесува на апстрактното. Децата ќе го научат само тоа што го гледаат од возрасните.
Ако еден родител го учи детето на емпатија, а во секојдневниот живот тој не ја манифестира, детето нема да научи емпатија. Децата, веќе напоменав учат по модел на несвесно имитирање. Залудно е и самите наставници да ги учат на истото, ако така не се однесуваат со нив. Тоа би биле само лекции и зборови во празно. Сакам да кажам, дека не е потребно, туку е неопходно да се учат децата за менталната хигиена и менталното здравје, но важно е да се научат на солидарноста, почитта, поддршката и разбирањето преку однесувањето на возрасните, а не преку лекциите.
Кога би можеле да стигнеме до стадиум да извлекуваме поука од ваквите настани и веднаш да смениме нешто на подобро?
-Ако сега не реагираме кога се поминал црвениот аларм со закон за спречување на насилство во училиштата, при кои одговорноста ќе ја сносат сите што треба да ја сносат, тогаш навистина не знам кога би требало да реагираме. Потребни се кампањи, мерки, работилници, разговори, но лично сметам дека без функционална законска регулатива за спречување на овој проблем, нема да постигнеме високи резултати.
Б.М.